Линкови за пристапност

Работниците во светот се` уште се борат за поголеми права


Од Москва до Мадрид, работниците бараа повисоки плати, подобри услови и посигурни работни места.

Празникот 1-ви мај беше прославен со маршеви на работниците и активистите низ улиците во чест на работниците од целиот свет.

Ширум САД, илјадници луѓе се собраа на настани во борба за имигрантските и работничките права. Активистите се искажаа против тоа на што тие гледаат како претседателските реторика полна со омраза.

Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите во Сиетл. Властите велат дека полицијата уапсила девет лица, а пет полицајци биле повредени во нередите.

Градоначалникот на Сиетл, Ед Мареј ги обвини „различните групи“ за „бесчувствителното насилство“ за разлика од оние кои се собрале на мирно одбележување на 1-ви мај.

Во Лос Анџелес, некои од демонстрантите носеа мексикански знамиња и транспаренти „Ослободете се од Трамп“ алудирајќи на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, кој сака да изгради ѕид помеѓу САД и Мексико за да ја спречи илегалната имиграција.

Повисоки плати, подобри услови

Од Москва до Мадрид, работниците бараа повисоки плати, подобри услови и посигурни работни места во време кога многу земји се борат со економска нестабилност и висока невработеност.

Француската и турската полиција употреби солзавец против демонстрантите.

Полицијата проценува дека околу 17.000 демонстранти марширале низ главниот град на Франција, против гласањето за планираните реформи, закажано во францускиот парламент за вторникот. Десет лица биле уапсени.

Турската полиција и демонстрантите се судрија и во Истанбул, кога неколкуте десетици луѓе се обидоа да стигнат до плоштадот Таксим, каде што беа забранети свечености.

Работниците одржаа митинзи низ цела Азија, повикувајќи на повисоки плати и подобри работни услови.

Во Јужна Кореја, десетици илјади луѓе протестираа против плановите на владата за реформа на работничките закони со кој би било полесно за компаниите да отпуштаат работници.

Во Малезија, претседател на синдикатот, Абдула Сани го критикуваше договорот за Транс-пацифичко партнерство, велејќи дека синдикатите стравуваат за негативните ефекти врз работниците. Договорот за слободна трговија, предводен од САД во февруари беше потпишан од 12 земји и е во процес на две годишна ратификација.

Во Индонезија работниците бараа повисоки плати и подобрување на квалитетот на нивниот живот. Во земјата има околу 111 милиони работници, но речиси половина од нив се ниско квалификувани.

Во Тајпеј, илјадници демонстранти повикаа на повисока минимална плата и пократко работно време.

Први мај годинава се поклопи со православниот Велигден. Во источна Украина на тој ден беа убиени три лица и покрај примирјето постигнато пред почетокот на празниците.

Во Латинска Америка илјадници демонстранти излегоа на улиците низ поголемите градови за да го прослават Денот на трудот.

Во главниот град на Чиле, Сантијаго, демонстрантите одржаа марш, еден ден откако Уставниот суд на земјата го укина законот со кој би им се дале повеќе права на работниците во преговорите со работодавците. Едно од клучните прашања за реформи за кои се залага претседателот Мишел Бачелет.

Во Боливија, претседателот Ево Моралес потпиша неколку декрети за работнички бенефиции. Со еден се зголемува минималната плата, потег на кој жестоко се спротивставува приватниот сектор во земјата.

Илјадници демонстранти се собраа во Мексико Сити за да го одбележи Денот на трудот и да побараат подобри работни услови.

Во Бразил, претседателката Дилма Русеф го искористи Денот на трудот за да побара поддршка против напорите за нејзино отповикување.

Русеф во Сао Паоло пред десетици илјади поддржувачи најави дека ќе ја зајакне социјалната програма во земјата, ќе го намали данок на доход за средната класа, и ќе изгради уште 25.000 нови домови за лицата со ниски примања.

Клучното гласање за нејзино отповикување е закажано за две недели во бразилскиот Сенат.

XS
SM
MD
LG