Линкови за пристапност

Иванов: Не се повлекувам од одлуката за помилување


Иванов: Не се повлекувам од одлуката за помилување
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Заев најавува интензивирање на протестите

Претседателот Иванов, во денешното обраќање, второ во 3 дена, порача дека и покрај острите реакции на домашната јавност, политичките партии и меѓународната заедница тој не се повлекува од одлуката за помилување на 50-тина лица од кои најголемиот дел се од врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ги повика сите оние кои се чувствуваат за обесправени со неговата одлука да поднесат барање за поништување на одлуката за помилување. Шефот на државата повторно ги прекори претставниците на дипломатскиот кор во земјава да внимаваат на своето однесување. Им порача на партиите дека граѓаните очекуваат нивно внатрешно прочистување и промовирање нови лица во политиката.

„Пред три дена донесов одлука која е исклучиво во интересите на граѓаните на Република Македонија. И по сите реакции како тогаш, така и сега, цврсто сум уверен дека таквата одлука ќе помогне во надминување на политичката криза и намалување на тензиите меѓу политичките противници. Свесен сум за одговорноста што ја презедов. Внимателно ги разгледав и анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и останувам на истата. Повторувам, секој оној што смета дека сум му одзел право, или сака својата невиност да ја докажува на суд го повикувам лично, во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката што се однесува на него. Кога ќе ги добијам таквите барања ќе повикам експерти да понудат правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес. Дозволете да констатирам дека партиите и нивните приврзаници ги користат институциите како средства за пресметка. Судовите се под притисок по постапувањето по предметите. Безбедносните институции се парализирани со нарушен систем на команда и висок е степенот да не можат да одговорат на предизвиците со кои се соочуваме. СЈО има потреба од време за квалитетни истраги. Барам претставниците на меѓународната заедница кои се вклучени во процесот да помогнат сите страни целосно да си ги исполнат преземените обврски од Договорот од Пржино, а потписниците да ги исполнат обврските за овозможување одржување фер и демократски избори. Ги повикувам сите носители на јавни функции да не подлежат на притисоци и влијанија. Уште еднаш ги повикувам претставниците на меѓународната заедница да внимаваат на своето однесување и активности и ги потсетувам дека би можеле да бидат погрешно разбрани. Граѓаните очекуваат внатрешно прочистување на партиите и промовирање нови лица во политиката. Очекувам распишаните избори на 5-ти јуни да бидат вовед во ново поглавје на Република Македонија“ – рече претседателот Иванов во своето обраќање.

Лидерот на опозицијата Заев порача дека на 5-ти јуни демократски избори не може да има. Најави интензивирање на протестите.

„Или Груевски или Македонија, сите знаат дека нема услови за фер избори. Во земјава е извршен државен удар, скршен е уставот, погазените се законите, договорот од Пржино е погребан, техничката влада ја погребаа. Груевски и останата корумпирана група прават се за да се заштитат. Нема да дозволиме Груевски и групата да ја држат во заложништво Македонија и нејзините граѓани. Груевски ги направи изборите на 5-ти јуни невозможни. На 5-ти јуни избори ќе нема. Протестите се во тек и ќе се интензивираат“ – рече Заев.

Претходно во текот на денот спикерот Трајко Вељаноски го потпиша решението за распишување на изборите на 5-ти јуни.

XS
SM
MD
LG