Линкови за пристапност

Нов извештај високо ја рангира Македонија според економската слобода


Македонија стои подобро од сите држави на Балканот, покажа најновиот „Индекс на економска слобода“ од „Фондацијата Херитиџ“ и „Вол Стрит Џурнал“

Во најновиот извештај посветен на економската слобода во светот на „Фондацијата Херитиџ“ и „Вол Стрит Џурнал“, Македонија е рангирана на 47 место на глобално ниво, со оценка од 67,5 што е за 0,4 поени повисоко од минатогодишната оценка. Во рамки на Европа земјата е на 22 место и е рангирана повисоко од соседните земји во регионот на Балканот.

Македонската економија е категоризирана како умерено слободна држава, со забележлив успех во трговска слобода, ефикасност на регулативите и фискалната слобода.

Сепак, сопственичките права и корупцијата се загрижувачки, стои во извештајот. Македонија е оценета со 35 во однос на сопственичките права, и тоа е единствена оценка на државата под светскиот просек, според критериумите на истражувачите.

Во извештајот се наведува дека и покрај постоењето на правна основа за заштита на сопственичките права, спроведувањето останува проблематично. Јавноста е скептична во подготвеноста на владата да ги гони корумпираните службеници и генерално гледа на полицијата, судовите, високото образование и на институциите од здравствената заштита како на најкорумпирани јавни сектори.

Македонија е највисоко рангирана во делот на фискалната слобода и според организацијата Владата има релативно мал буџетски дефицит, а јавниот долг останува под 40 отсто од Бруто домашниот производ.

Имено, се наведува дека бизнис може да се започне за само два дена, и не е потребен минимален капитал.

Во Македонија просечната царинска стапка е 1,8 отсто а Владата генерално ги третира странски и домашни инвеститори подеднакво. Државните претпријатија работат само во неколку сектори од економијата.

Во извештајот се рангирани 178 земји, од кои 97 ја подобриле економската слобода, а кај 74 таа опаднала. Периодот во кој е направено истражувањето е средината на 2014-та до 2015-та.

Организацијата за најслободни ги смета економиите на Хонг Конг, Сингапур и Нов Зеланд, а САД се рангирани на 11 место, најниска позиција во историјата од издавањето на оваа публикација.

XS
SM
MD
LG