Линкови за пристапност

Најавени протести поради загадувањето


Тетово и Скопје и натаму се на врвот на листата на градови со најголемо аерозагадување во Европа

„Како претставничка на владата која е на власт, дефинитивно не може да се амнестира од одговорноста за да направи нешто за промена на состојбата. Дефинитивно немаме време да чекаме!... Ние како мајки немаме време ниту да чекаме, ниту да имаме трпение бидејќи гледаме дека нашите деца се трујат секој ден“, порачала Елмедина Абдулаи од граѓанското движење „Мајка и дете“ од Тетово, реагирајќи на енормното загадување на воздухот во овој град, кое поради концентрациите на честичките ПМ 10 од дури 800 микрограми на кубен метар кубен, за 17 пати ја надмина дозволената вредност.

Откако градоначалничката Теута Арифи не одговори на прозивката на движењето кое од неа побара да го исполни најавеното миење на градски улици со супстанцата калциум магнезиум ацетат, која ги задржува загадувачките честички ПМ 10 на тлото, за следната недела се најавени протести со блокирање на улиците во Тетово.

Покрај енормното аерозагадување, голем проблем во Тетово е и дивата депонија, која и покрај најавите не е дислоцирана, па при палење на дел од огромните колчини отпад над градот се надвива чад кој го загрозува здравјето на граѓаните. Тетовчани се жалат дека во вечерните часови кашлаат поради пецкање во грлото и им солзат очите.

По минатонеделната „титула“ за Тетово, како град со најзагаден воздух во Европа, тема на медиумите, на истата тема, деновиве е и престолнината Скопје, во кое мерните станици бележат висок степен на аерозагадување. Според Независниот истражувачки центар „Нумбео“ кој го мери квалитетот на воздухот во 59 европски градови, Тетово и Скопје и натаму се први на листата на најзагадените градови во Европа. Според медиумите, и резултатите на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека присуството на штетните честички ПМ10 се дури шест пати над дозволените граници во речиси сите скопски населби, а концентрацијата на штетните честички е над границите и во Битола и Квадарци.

Во скопската населба Лисиче, неколку дена по ред, воздухот бил загаден дури и до 10 пати над дозволената граница. Затоа, раководството на Град Скопје вчера започна со прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат за намалување на загаденоста на воздухот, но иако е средството биоразградливо, тоа сепак предизвикува лизгавост на коловозот, поради што брзината на возење е намалена на само 40 километри на час. Сепак, градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски изјави дека нанесеното средство ја намалува загаденоста од штетната прашина од ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките за 10 до 30 проценти.

Светска банка во извештајот „Зелен раст“ посочи дека загадувањето на воздухот во Македонија е меѓу највисоките во Европа, и дека тоа особено влијае врз здравјето на луѓето, како и дека државата е на прво место според изложеноста на граѓаните на загаденост на воздухот со цврсти честички.

Откако ваквите податоци во јавноста ги повтори и СДСМ, која повикувајќи се токму на Светска банка, соопшти дека Македонија е на самиот врв по смртни случаи предизвикани од загаден воздух, односно, од канцерогени честички кои предизвикуваат рак, аерозагадувањето и неговите последици, станаа предмет и на политички престрелки.

„Извештајот на Светска банка покажува дека Македонија е на прво место на листата за изложеност на граѓаните на загаден воздух со цврсти честички. Тоа е најголемата причина за повеќе од 1.350 смртни случаи годишно во Македонија, од рак и од болести на дишните патишта“, соопшти СДСМ.

Владеачката ВМРО ДПМНЕ реагираше дека токму актуелната Влада поставила Мониторинг системот за следење на амбиенталниот воздух, а СДСМ кога била на власт, немала храброст да се справува со загадувањето.

XS
SM
MD
LG