Линкови за пристапност

Европските либерали загрижени за иднината на Македонија


„Ако не се имплементира договорот од Пржино можноста Македонија да ја загуби препораката е реална“, рече Иво Вајгел

Во Европскиот парламент во Брисел, Eвропските либерали организираа дводневна конференција посветена на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан.

Целта на оваа конференција укажа дека проширувањето на ЕУ за Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) е висок приоритет. Овој сигнал, сметаат либералите, е значаен по изјавата на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер за петгодишен мораториум на проширувањето. Европските либерали сакаат со овој настан да стават до знаење дека остануваат активни во вршење на притисок врз институциите ЕУ за интензивирање на процесот на поширувањето.

„АЛДЕ ги нотира слабостите на земјите од регионот, а особено проблематичното владеење на правото и засиленото јавно задолжување. Но, во однос на Македонија, Алијансата особено ја споделува сериозната загриженост и недоумицата на ЕУ за развојот на Македонија и за развојот на политичката состојба во земјата. Тркалезната маса јасно исцрта дека Македонија има длабока политичка криза што е резултат на досегашните владеења“, изјави за Гласот на Америка Ивон Величковки, претседател на Либералната партија кој учествуваше на оваа конференција.

Либерелите, рече тој, добиле охрабрување да дадат придонес кон решавањето на политичката криза вклучувајќи се по потреба и низ пржинскиот процес, сега откако стана јасно, вели Величковски, дека „капацитетот на кризата ги надмина капацитетите на четирите потписници“.

Организаторот на оваа конференција, Иво Вајгел од европските либерали кој е и известувач во ЕП за Македонија, напомена дека Македонија се наоѓа пред сериозно искушение и дека ако не се имплементира договорот од Пржино можноста Македонија да ја загуби препораката е реална но тоа би донело несогледиви последици за македонското општество.

„Македонија ризикува да се вовлече во вртлог со несогледиви последици“, изјави Вајгел.

Според Ивон Величковски, пак, било какво отсуство на препораката ќе биде обесхрабрување за нацијата, а охрабрување за анти-европското расположение чиј носител е Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

На конференцијата учествуваа и претставници на невладините организации. Една од учесничките беше и извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска.

„Една од точките на дневиот ред беа и човековите права како и бегалската криза. На расправата особено беше потенцирана негативната состојба со слободата на медиумите во Македонија и Србија и дискриминацијата кон одредени заедници. Република Македонија во неколку наврати беше спомената како земја со неизвесна иднина поради неспроведувањето на догооворот од Пржино, односно земја за која веќе никој нема апетит да и помогне. Како претставник на граѓанскиот сектор зборував за состојбата со бегалците и односот на државата кон ова прашање. Секако беше потенцирано дека е нотирано однесувањето на полицијата во периодот на јули и август односно нехуманиот третман и употреба на физичка сила како и отсутсвото на претставници од релевантните министерства во Гевгелија и Табановце. Ставот на европарламентарката Сесилија Викстром е дека ЕУ и нејзините членки треба да имаат унифициран став и пристап кон бегалската криза и дека еднакво треба да помогнат на инклузијата на бегалците“, изјави за Гласот на Америка, Уранија Пировска.

XS
SM
MD
LG