Линкови за пристапност

Новинарската фела реагира на предложениот закон


„Овие закони отвoраат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето“, кажа Американската амбасада во Скопје преку соопштение

Во предлог-закон за необјавување на аудио-снимки од прислушувани разговори експресно поднесен вчера во Парламентот и тоа по скратена постапка, предлагачите, двајца пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одат до таму што се бара од медиумите да ги избришат сите објавени материјали од популарните „бомби“ на опозициската СДСМ од Интернет, да се забрани какво било споменување на овие материјали на социјалните мрежи, и ако ова не се почитува, престапниците да се казнат со 4 до 10 години затвор.

„Овие закони отвoраат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето и правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што треба да бидат адресирани во согласност со меѓународните обврски на Македонија“, се вели во соопштението од Амбасадата на САД во Скопје. Притоа се наведува дека „партиите се договорија прашањето за предложеното инкриминирање на објавување на нелегално стекнати информации да го покренат во работната група, да разгледаат такво можно законско решение во пакет со законско решение за заштита на таканаречените свиркачи и овие прашања да ги решат пред 20 октомври“, се истакнува во соопштението.

Ова го потврди и белгискиот експерт кој посредува во меѓупартиските преговори Ван Хауте, но не сакаше да прецизира дали законот за инкриминирање на прислушкуваните материјали е повлечен од собраниска процедура, туку само дека „тоа веќе не е проблем за да течат преговорите за изборните закони“.

Овдешните медиуми, кои власта не успеа да ги заузда, а посебно социјалните мрежи, буквално „се запалија“ од коментари и реакции. „Глупав, апсурден, надвор од здравиот разум“ закон, „официјално воведување цензура во државата“, се дел од ставовите на македонските новинари, кои своите коментари ги споделија за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Да предложиш закон со кој ќе се забрани објавувањето на т.н. бомби треба или да си глупав или да си тепан со мокар чорап по глава. Ова покажува колку партиите на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгубиле секакво чувство со реалност. Ахмети беше тој кој јавно го повикуваше лидерот на СДСМ Зоран Заев да објават се` што имаат за него и неговите соопартијци, па дури и приватни разговори за сега да излезат и да бара со закон да се забрани објавувањето на т.н. бомби на СДСМ“, вели Мухамед Зекири, од ТВ Алсат- М, додавајќи дека после ова, „слободно ќе може да си бараме нова професија надвор од оваа земја која сака да воведе целосна диктатура во срцето на Европа“.

И Фросина Димеска, новинарка во Радио Слободна Европа, која е потпишана зад голем број новинарски извештаи токму на тема „прислушувани разговори“, смета дека ова „дефинитивно е обид за воведување на цензура и кршење на Уставот во кој е наведено дека цензурата е забранета“.

„За мене останува нејасно дали јас како новинар по извесен период ако пишувам текст во кој нешто сакам да поткрепам со делови од т.н. бомби би значело дека можам да се соочам и со затворска казна од најмалку четири години“, вели Димеска, додавајќи дека „ваков предлог закон, ако помине, ќе ја турне Македонија уште подолу на светските ранг листи за слобода на изразување на кои и така сме при дното“.

„Ова не е само обид за цензура туку и ретуширање на изминатие месеци и амнезија на бомбите“, смета Боби Христов, новинар во ТВ Телма.

„Но, се` што беше слушнато за криминалите на власта не може да се избрише со еден апсурден закон, кој лудо бара бришење на сите траги и од социјалните мрежи и од интернет, па дури смешно претендира и на глобални димензии, па санкционира и нивно преобјавување во странство. Да не е пресериозно прашањето, во услови на крајно влошена состојба со медиумите во земјава, би било глупаво смешно“, вели тој.

„Овој закон значи само едно - официјално воведување на цензура во државава. Укинување, забрана на цензура, е едно од најважните цивилизациски, демократски придобивки на човештвото, но владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и онака низ поминатава деценија покажа дека вредностите во демократска смисла им се тотална непознаница“, коментира Биљана Секуловска, новинарка во порталот Нова. Таа смета дека ваков закон единствено е во улога на „една од последните сламки за спас на власта. „Без странскиот фактор ние сме глинени гулаби на бојното поле, не би бил далеку денот кога Северна Кореја би ни станала брат-близнак, судејќи според идеолошката матрица и суровоста со која се справува власта со критичарите и неистомислениците“, додава таа.

Новинарот Саше Димовски, кој долги години токму пишува на теми од правосудството смета декасе работи за закон спротивен на Уставот, на Европската конвенција, но и на македонскиот Кривичен закон кој предвидел казни за неовластено следење и снимање.

„Наместо да има казни и санкции за тие кои ја нарушиле приватноста на над 20.000 граѓани, кои незаконски следеле и прислушувале, истите тие бараат казни за тие кои всушност се оштетени од нив. Ова е класична приказна за Царот кој е гол, но ние ќе го казниме детето кое кажало дека царот е гол! Мислам дека сите треба да покажат граѓанска непослушност доколку се изгласа овој закон, зашто не може да одговарам јас, кој би поседувал прислушуван материјал, а да нема одговорност од тој кој го повредил моето уставно право на приватност! Што ќе се случи, ако прислушуваните граѓани решат да ги објавуваат сопствените разговори? Ќе ги уапсат сите 20.000? Ова е доказ дека границата помеѓу генијалноста и лудоста е тенка, а во нашиов случај, длабоко надмината“, вели тој.

За Жанета Трајкоска, од Институт за комуникациски студии законот е „тотална политичка манипулација, за да се купи време од јавноста за пролонгирање на роковите за изборното законодавство“.

„Користејќи ја стратегијата на чад и стакло, додека ние вчера се занимававме со овој скандалозен предлог, рокот беше прекршен, а јавноста зашеметена. Зошто се купува време за одлагање на преговорите за изборното законодавство, ќе видиме во наредните денови. Инаку, предложениот закон не вреди да се коментира, оти тој е надвор од здравиот разум. Предложените членови ме потсетуваат на Министерството за вистина на Орвел каде што вистина е ропство, а незнаењето - сила. Затворските казни и предвидените решенија баш се како да се земени од 1984“, вели таа.

И покрај противењето на еден од предлагачите, Талат Џафери да го повлече предлог- законот од процедура, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски соопшти дека тој е повлечен на доработка. Ова, за новинарската фела, како што велат, е доволен аргумент дека власта нема намера да се откаже од цензурата, поради што вечерва одржаа протест пред Собранието под мотото : „Цензурата е забранета. Вистината ја бараме“.

XS
SM
MD
LG