Линкови за пристапност

Калифорнија усвои закон за самоубиство со помош на лекар


Законот е ограничен само на неизлечиво болни на кои им остануваат не повеќе од шест месеци живот.

Калифорнија стана петтата американска сојузна држава со легализирано самоубиство со помош на лекар.

Гувернерот Џери Броун го потпиша законот со кој на лекарите им е дозволено да препишат смртоносна доза на лекови за неизлечиво болните пациенти коишто сакаат да стават крај на својот живот.

Овој закон се однесува на ментално свесни луѓе, со уште околу шест месеца живот.

Поддржувачите сметаат дека со оваа мерка на неислечивите пациенти ќе им се даде право на достоинствена смрт. Противниците, вклучувајќи ја и Католичката црква, сметаат дека ранливите категории пациенти како сиромашните, постарите, оние со инвалидитет можно е да бидат под притисок да стават крај на своите животи.

Во потпишана изјава, прикачена на документот, Браун, кој самиот е католик и некогаш се школувал за свештеник, вели дека се консултирал со повеќе луѓе за овој закон, меѓу кои и католички свештеник и двајца лични лекари.

Потпишувањето на оваа мерка е победа за поддржувачите на законот за самоубиство со помош на лекар во Калифорнија, коишто неколку години се обидуваа да убедат доволен број законодавци да го одобрат законот.

Нивните напори беа поддржани од страна на многу познатиот случај на Британи Мејнард, 29 годишна жена со неизлечива болест, којашто по сопствена одлука, му стави крај на својот живот откако се пресели од Калифорнија во Орегон, каде што оваа процедура била дозволена.

Други држави во кои е легално помагање од страна на лекар во самоубиство на пациент се Монтана, Вашингтон и Вермонт.

XS
SM
MD
LG