Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој од денеска е во дводневна посета на земјава ја сподели загриженоста од политичките притисоци врз судството и медиумите во Македонија, но најголем дел од обраќањето пред Парламентот го посвети на светскиот проблем број еден - бегалската криза, критикувајќи некои од европските држави.
„Треба да се надмине верувањето дека ЕУ е банкомат од каде што може да се земаат пари, ако ја знаете шифрата. ЕУ е нешто повеќе од тоа. Доколку е потребно за Македонија ќе се обезбедат уште пари. Вие не сте паркинг за бегалците, туку сте жртва и нема да ве оставиме да се справувате сами со состојбата. Затоа и сум тука“, рече Хан и најави дека утре ќе го посети бегалскиот прифатен ценгтар во Гевгелија.
Оваа посета на еврокомесарот Хан е посебна, бидејќи по двегодишна кома, поради политичката криза, го „враќа во живот“ Пристапниот дијалог на високо ниво. Но, овој пат, таа е поинаква и по новиот тип на пи–ар: еврокомесарот за проширување, за цело време, и пред и по средбите споделуваше впечатоци и фотографии преку социјалната мрежа Твитер.
„Средба со цивилниот сектор: Треба да го надминеме менталитетот „победници-губитници“. За напредок во реформите треба соработка плус компромис. На крајот, на сите напори треба да има само еден победник: народот, кој заслужува промена и позитивна перспектива“, напиша еврокомесарот по средбата со цивилниот сектор, прва од серијата средби што тој ќе ги има во текот на дводневната посета.
„Политичкиот договор е значаен чекор во вистинската насока. Тоа ја нагласува сепартиската поддршка за евроатланска интеграција. Го поздравувам назначувањето на специјалниот обвинител. Сега е потребен понатамошен напредок во имплементацијата на договорот и реформски приоритети“, напиша Хан по седницата на Националниот совет за евроинтеграции.
Хан не ја чекаше ниту најавената прес- конференција, па уште во текот седницата за пристапниот дијалог упати твитер - совет до политичките лидери „да си ги исполнат обврските и да продолжат со реформите во интерес на земјата“, и до Владата, „целите од Акциониот план, и практично да ги имплементираат“.