Линкови за пристапност

Македонија се покажа „комплицирана формула“


Неуспехот на бриселските преговори во државата се толкува како непостоење волја за решавање на кризата

„Неразумно“ и „неодговорно“ се двата збора кои доминираат во денешните реакции и на политичарите и на аналитичарите во врска со вчерашните преговори во Брисел меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија, за решавање на политичката криза, кои беа прекинати без никаков резултат.

„Не е задоволен условот за суштинското прашање околу отворањето преговори - организирање Влада што нема да ја предводи Никола Груевски“, се наведува во соопштението на опозициската СДСМ, при што се додава дека „неразумно и нелогично е креаторот на политичката криза, Никола Груевски, да остане да раководи со Владата што треба да организира и спроведе предвремени парламентарни избори. Груевски беше подготвен да даде се и да направи се, само да ја сочува својата фотелја“, е ставот на СДСМ.

Од владејачката ВМРО- ДПМНЕ денеска се огласија неколкумина пратеници, главно на социјалните мрежи. Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи, сега пратеник, смета дека „неодговорното однесување на Заев и на Шеќеринска“, ги предизвикува „политичките тензии и последиците за Република Македонија“.

„Прво, најголемата штета ќе ја претрпи македонското стопанство со предизвиканата политичка неизвесност која значително ќе ги демотивира домашните и странските инвеститори, а тоа ќе резултира со намалување на економскиот раст и ускратување на можностите за отварање на нови работни места. Второ, ваквата хазардна игра ќе нанесе штета на целото македонско општество со тоа што политичките тензии ќе продолжат да се прелеваат врз граѓаните, со заострување на нетрпеливоста меѓу различните политички поддржувачи, зголемување на политичката поларизација и зголемување на ризикот за меѓуетнички тензии. И последно, жртва на неодговорното политичко однесување на Заев е и уште повеќе ќе биде меѓународниот углед на Република Македонија, на штета на Евро-атланските аспирации на државата, а на задоволство на оние странски фактори кои и досега ги блокираа овие евро-атлантски перспективи на нашата земја“, напиша Милошоски на социјалните мрежи.

Според Илија Димовски пак, кој се огласи на Фејсбук, „доколку Република Македонија ја загуби препораката од Европската Унија, народот нема да заборави дека тоа би било поради СДСМ, нивните медиуми и лицемерието кое го прикажуваат“.

Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот сојуз, дел од владината коалиција, смета дека по синоќешниот неуспех на преговорите во Брисел треба „да се подготви системско решение за формирање за преодна Влада со мандат од 6-12 месеци, која ќе подготви и спроведе парламентарни избори, независно дали се предвремени или редовни“.

Предлогот на Трајанов е „вклучување на опозицијата во Парламентот и формирање на Парламентарен Комитет (или комисија), со широки овластувања за расчистување на злоупотребите на системот за прислушување, и ќе ја дефинира политичката одговорност на сите оние кои го кршат Уставот и Законот, да се направат системски промени на политичкиот систем, посебно околу поставеноста и составот на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, изборот на судии и јавни обвинители, министер за внатрешни работи, комисијата за спречување на корупција, промени за поставеноста на медиумите посебно МТВ, да се донесе Закон за борба против институционалниот криминал, во кој ќе се предвиди конфискација на нелегално стекнатиот имот од страна на функционерите и забрана за политичко дејствување од најмалку десет години“.

За Либералната партија, „епилогот од Брисел уште еднаш покажа дека Никола Груевски не сака договор и дека се потврдило дека тој не помислува да си оди од Владата која е извор на кризата“.

„Јасно е дека решението за преодната влада треба да се бара и надвор од сегашниот владин состав, особено вон постоечкиот состав во Владата од ВМРО-ДПМНЕ. По Брисел, јасно е дека пред преодната Влада претстојат огромни обврски за деконтаминација на системот за создавање минимум неопходни услови за фер и демократски избори“, велат од ЛП.

Професорот Денко Малески смета дека „Македонија е комплицирана формула и тоа се покажува и во оваа ситуација“.

„За мене во целава оваа работа ми беше важно да ја разберам позицијата на ЕУ и САД. Она што што го детектирав во изјавата на Хан во Америка, се потврди и во неговата изјава по средбата во Брисел, а тоа е дека стабилноста се става пред слободата. Тоа е она со што ние ќе мора да се соочиме. Не велам дека ЕУ и САД имаат симпатии кон Никола Груевски и не би биле среќни тој да соработува во повлекување и, потоа, преку соработка, да се отворат сериозните теми за слободата. Но, со оглед на тоа што имаме личност која тоа не го прави, туку ја контролира целата структура на моќта градена девет години, личност која ја има поддршката и од двете албански партии, а не соработува во предавањето на власта и воспоставувањето на демократски систем, сето тоа го прави Западот внимателен за да не предизвика внатрешни превирања и оттаму овој став дека редот и поредокот се поважни од слободата“, смета Малески.

Во првите информации што веднаш по преговорите од Брисел ги пренесоа медиумите блиски до владејачката структура се наведуваше дека „неодговорното однесување на лидерот на македонската опозиција доведе до тоа преговорите под водство на еврокомесарот Хан да поминат без успех“.

„Зоран Заев не бираше средства за да избегне предвремени избори на кои му е сосема јасно дека ќе доживее тежок пораз. Тој по секоја цена беше решен договор да не биде постигнат“, објавија трите национални телевизии, во слична информација, во која се повикуваа на „дипломатски“ и на сопствени извори.

„Како што дознаваме, Заев на средбата со високите претставници се однесувал арогантно и несериозно, поставувал ултиматуми, не ги водел дискусиите и не приложил никаков аргумент. Тврдоглавоста на Заев резултираше со фијаско на преговорите и неуспешен крај на истите што е на штета на цела држава“, објави Сител.

„Според дипломатски извори, Алфа дознава дека лидерот на СДСМ, Заев во текот на целите разговори бил решен по секоја цена да нема договор, настапувал ултимативно , без дискусија и без било какво аргументирање. Ваквото однесување предизвика чудење , па дури и обвинување за несериозност и неодговорно однесување. По се изгледа лидерот на СДСМ и неговата партија се плашат од избори што го забележаа и странските дипломати. Според нашите извори во текот на разговорите Заев едноставно молчел , не одговарал на прашања и на предлози“, објави телевизија Алфа.

XS
SM
MD
LG