Линкови за пристапност

„Кампување“ пред државните институции на Македонија


Против или за владата – сите тврдат дека се надвор зашто ја сакаат Македонија.

Кампувањето никогаш не било попопуларно во Македонија. На раздалеченост од околу километар, деновиве никнаа два кампа, пред двете најважни државни институции – пред Владата и пред Парламентот. Но, тажната страна на ова е дека тие се одраз на поделеноста во општеството која никогаш не била толку изразена како последниве неколку месеци, откако земјата западна во подлабока политичка криза.

За туристите, неупатени во актуелната ситуација во земјата, сликата пред Владата е атракција. Ги фотографиираат триесетината шатори и тенди поставени наоколу во должина од 100-150 метри спроти барокната владина зграда, каде стотина, може и нешто повеќе луѓе го минуваат денот читајќи весници, книги, играјќи карти и други друштвени игри, разговараат. Од озвучувањето се слуша популарна македонска и странска музика. Паролите поставени на шаторите, на кои се распослани државното знаме и знамињата на многу други држави, се единствените по кои ќе распознаете дека не се работи за забава, туку за протест против акуелната власт.

„Овде не дошле луѓе кои се задоволни, туку ова е одраз на незадоволството од овие девет години. Влегоа во Парламентот и пратениците од опозицијата, со целиот тој имунитет и привилегии ги исфрлија надвор како партали. Истото им се случи и на новинарите, на седмата сила. И сега, ти како обичен граѓанин се прашуваш, што би ми се случило, тогаш мене? Еве да прашам, што ќе се беше ако вакво нешто се случеше во Америка“, вели еден од оние со кои разговаравме, и кои се тука во кампот од првиот ден, од 18 мај.

Ги има од различни возрасти, студенти, средовечни и постари, мажи и жени, од различни етникуми, партиски членови, активисти и едноставно незаводволни граѓани, од различни делови на Македонија. Деновите им минуваат во заеднички активности. Во вечерните часови имаат и програма, доаѓаат и политичари и уметници, разговараат, се дружат, имаат и проекции на филмови, како што велат, „да се разбие монотонијата“. Постојано доаѓаат и граѓани им носат храна, ќебиња, облека, средства за хигиена. Засега времето е нивен сојузник, освен ноќта, кога како што велат, е многу студено.

Сите на кои им пријдовме се расположени за разговор. Велат, има многу новинари, секојдневно доаѓаат, и домашни и странски.

Додека ги раскажуваат личните причини, зошто се тука, зошто одлучиле да ги остават дома своите семејства, се надополнуваат меѓусебе. Од некои приказни ви се ежи кожата.

„Јас сум тука пред Владата веќе 14-ти ден. Од 5-ти мај, од првите протести. Четврти ден во шатор. Самохрана мајка сум, имам петгодишна ќерка. Имам дипломи од два факултети и девет години сум без работа, просто преживувавам. Петнаесет години сум крводарител, а немам никакво здравствено осигурување. Тука сум за да го искажам моето незадоволство од владеењето на овој режим. Овде е целиот народ што вака живее веќе девет години. Овој народ и тука е на улица и дома, во својот дом се чувствува како на улица, зашто нема да се прехрани“, вели нашата соговорничка.

Слични искуства имаат уште две наши соговорнички, од Кочани, обете со високо образование. Велат, во малите средини, партиските поделби и реваншизам се уште поизразени. Едната веќе 11, а другата девет години без работа. „Како во ваква ситуација да се одлучите да формирате семејство?“, прашуваат тие.

„Целиот овој народ што е тука не е затоа што нема што да прави дома. Со плата од 10-12 илјади, или со по 200 денари дневно, немаме да платиме сметки, а камо ли здраво да се храниме, како што не` советуваат. Тука сме за да кажаме дека треба да запре градењето на стиропорската пародија со нашите пари“, вели друг соговорник.

Заедничко за сите наши соговорници е дека ветуваат останување тука до крај. На прашањето, до каков крај, одговараат:

„Се` додека Груевски не каже дека си оди и не само да си оди. Ние не сме тука за некој, по се` што направил само да си замине, и на друго место да го прави она што го правеше тука. Да одговара за стореното! И поентата на овој протест е: доста беше од политичари кои ќе се награбаат и ќе си заминат. Ова е лекција за сите да знаат дека мора и да се одговата и за оваа и за секоја наредна власт. Ќе бидеме и против следната власт и против која било што ќе дојде.“

Од импровизираниот камп на Илинденска без број заминуваме со звуците на “Бела чао“. Во другиот, како што овдешните медиуми го нарекуваат „контра камп“, не` дочекува музика во која се слави храброста на макеодонските патриоти-илинденци.

Од митингот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, на 19 мај, во Паркот Жена борец, спороти законодавниот дом се поставени дваесетина шатори. На поголемиот дел од нив, прекриени со националното знаме, стојат јасни партиски ознаки – на партискиот подмладок, општински комитети. На некои од нив стојат имињата на некогашни индустриски гиганти, како ГОДЕЛ, кои „исчезнаа“ во времето на транзицијата.

За разлика од претходно, овде нашите соговорници беа скромни на зборови.

„Тука сме зашто ја поддржуваме Владата. И тоа е доволно“, беа зборовите со кои не дочекаа. „Доста ни е од снимања, после тоа се злоупотребува“, беше нивното објаснување, зошто не сакаат да говорат јавно.

„Ова е поддршка за сите инвестиции, да продолжи се` што било досега. Ќе останеме додека е потребно да дадеме поддршка на оваа Влада“, ни рекоа тие. „И додека не си оди градоначалникот на Центар, и против геј парада“, додаваат од соседните шатори.

„Ова е легитимно избрана влада. Тие што протестираат пред Владата не ми е јасно од кај се. Тие не ги сметам дека се за народот, тие се против народот“, вели еден од постарите.

И овде ги има од сите возрасти. Кога ги посетивме, беа собрани под неколку тенди, на редовен ритуал со утринското кафе. Среде кампот е поставена маса за пинг – понг. На влезот од денеска е поставена табла, на која се оставаат пораки - „Зошто ја сакам Македонија“.

А впечатокот од посетата на двата кампа е дека, едните и другите веруваат дека она што го прават е затоа што ја сакаат својата држава.

„Поделеноста е голема“, признава нашиот последен соговорник, но, како што вели, „сепак ние сме Македонци, треба да се собереме, да се соединиме и да ги решиме сите проблеми“.

XS
SM
MD
LG