Линкови за пристапност

Обама: Недоверба меѓу полицијата и малцинствата


Ефектите од ропството и расната дискриминација продолжуваат да влијаат на многу заедници, кажа претседателот.

Американскиот претседател Барак Обама повика на повторна изградба на довербата меѓу полицијата и малцинските заедници, во светлина на минатонеделните немири во Балтимор по смртта на млад црнец притворен од полицијата.

Појавувајќи се на популарната емисија на ЦБС „Доцно шоу со Дејвид Летерман“ Обама кажа дека се` уште присутните ефекти од ропството и расната дискриминација продолжуваат да имаат големо влијание на многу Африканско-Американски заедници.

„Постојат места на сиромаштија и недоволно можности, недоволно образование низ целата држава, и ние тие места пречесто ги игнорираме додека нешто не се случи, и тогаш глумиме дека сме изненадени“, рече претседателот.

За време на средбата со лидери на малцинствата порано во денот, Обама призна дека многу Африкански-Американци и Латино-Американци имаа слаби шанси, од раѓање, и дека тие добиваат несоодветен третман од полицијата.

Тој рече дека младите обоени луѓе се запирани и фрлани на земја од полицијата без оправдана причина, и дека таков третман води кон урбано насилство во градови како Балтимор и Фергусон, во Мисури.

Обама ја искористи приликата да објави креација на непрофитна организација „Алијанса чувар на брат ми“, што произлегла од напорите во Белата куќа за зголемување на можностите за млади лица од обоена раса.

XS
SM
MD
LG