Линкови за пристапност

Грчките избори ги доби партија што е против штедење на државата


Левичарската партија Сириза ќе направи коалиција со десничарската партија Независни Грци.

Радикална левичарска партија и нејзиниот 40-годишен лидер кој е против мерките за штедење на државата победија на изборите во Грција. Победата ја отстрани конзервативната партија Нова демократија со премиерот на заминување Антонис Самарас.

Резултат на изборите од неделата го прават Алексис Ципрас, шефот на партијата Сириза, најмлад премиер во 150 години.

Тој ветува крај на годините на политиката на штедење. Но исходот на изборите најверојатно ќе ја стави Грција во конфликт со Европската унија и меѓународните кредитори.

Сириза не успеа за само две места во парламентот да биде во позиција самата да владее без формирање на коалициона влада.

Ципрас веќе ја доби поддршката на десничарската партија Независни Грци, што му овозможува брзо да формира коалициона влада. Откако во понеделник беа објавени резултатите од изборите, новиот премиер имал разговори со Панос Каменос, лидерот на партијата Независни Грци. Десничарската партија има малку заедничко со Сириза, но двете се против меѓународното спасување на државата што започна пред неколку години.

Глобалните акции на почетокот реагираа негативно на изборите од неделата, но се повратија во текот на денот. Сепак, грчките акции паднаа речиси четири проценти кусо време откако пазарите беа отворени.

Еврото падна на најниско ниво за последните 11 години пред да се поткрене, обновувајќи ги стравувањата дека блокот на единствена валута може да се растури. Министрите за финансии на ЕУ се среќаваат во понеделник да разговараат како на нивната заедничка валута ќе влијаат грчките избори.

Белата куќа, не споменувајќи ги економските прашања, и` честиташе на Грција за успешно организираните избори, со напомена дека САД со нетрпение чекаат на блиска соработка со новата влада.

XS
SM
MD
LG