Линкови за пристапност

Бракот по македонски


Владата се повикува на „традицијата и религијата кои препознаваат брак исклучиво меѓу маж и жена“.

„Бракот е животна заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

Регистрирана вонбрачна заедница, или било кој друг регистриран облик на животно партнерство, е животна заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж“.

Со ваква дефиниција, бракот наскоро најверојатно ќе влезе во македонскиот Устав. По јавната и експертската дебата, добиените мислења од Европската и Венецијанската комисија, пратениците ќе го имаат последниот збор - дали Уставот ќе добие нови осум амандмани, меѓу кои и овој за бракот.

Во одговорот на прашањето, зошто на Македонија и` е потребно уставно регулирање на бракот, Владата се повикува на „традицијата и религијата кои препознаваат брак исклучиво меѓу маж и жена“. Дебатата, пак, меѓу македонските академици и експерти главно од уставната област, покажа дијаметрално спротивни ставови – едните бараат бракот и натаму да се регулира само со закон, додека другите, македонското традиционално општество да се „запечати“ со Уставот.

Но, мислењата од Европската комисија и од Венецијанската комисија, советодавно тело на Советот на Европа што се занимава со уставни и изборни прашања и со делувањето на демократските институции, воопшто, ни малку не се на линија на владиниот став. Напротив, нивните мислења се дека, во најмала рака, не е време за вакви промени, бидејќи за нив е важен консензус, а опозицијата е надвор од парламентот.

„Треба да се напомене дека во неколку области, документот не обезбедува јасно објаснување за причините за соодветните амандмани, особено точната потреба или проблем кон кој тие се насочени“, се наведува во мислењето од Европската комисија, без што, според ЕК, „е невозможно да се знае како промените ќе бидат имплементирани во пракса“.

„Во однос на Нацрт-амандманот со кој се дефинира бракот и различни форми на животна заедница меѓу маж и жена, Венецијанската комисија признава дека државите имаат голема дискреција во регулирање на институцијата брак.
Меѓутоа, доколку Амандманот зборува за други форми на партнерства, не треба да се исклучат двојките од ист пол од истото ниво на правно признавање како што се обезбедува на двојки од различен пол“, се наведува во мислењето на Венецијанската комисија.

За меѓународната организација Амнести Интернешенал „ваквите уставни измени се уште едно зацврстување на дискриминацијата, насилството и на нетолерантноста темелена на сексуалната ориентација и на половиот идентитет во Македонија“. Во писмената реакција потпишана од Гаури ван Гулик, заменик-директор на АИ за Европа, објавена денеска, се наведува дека „Македонија плива спротивно на европскиот бран на легализација на истополовите бракови и на сè поголемото прифаќање на европските норми за човекови права во поглед на еднаквоста“, и притоа властите се повикуваат да ја отстранат оваа дискриминација.

И од Хелсиншкиот комитет сметаат дека ограничувањето на бракот само на заедница меѓу маж и жена не е само дискриминација на луѓето со поинаква сексуална ориентација, туку и „директно и транспарентно игнорирање на сите меѓународни стандарди што ја забрануваат дискриминацијата по основа на сексуална ориентација“.

Но, за останување на својата позиција, за македонската Влада доволен е фактот што во седум од 28 –те држави - членки на Европската Унија законски се забранети истополовите бракови, (Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и Бугарија)

„Посебно место во амандманите посветивме на бракот. Овој институт за нас има посебно значење, бидејќи бракот и семејството се наоѓаат на врвот на пирамидата на општествените вредности во земјава. Токму затоа, за да ги заштитиме овие вредности, дефинирањето на бракот го подигаме на ниво на Устав. Затоа, бракот го дефинираме како заедница исклучиво меѓу една жена и еден маж“, вели министерот за правда Аднан Јашари. Тој додава дека во однос на вториот став од измените, ги прифаќаат сугестиите на Венецијанската комисија кои се однесуваат на вонбрачната заедница и животно партнерство. „Нашите решенија ќе се движат во насока на тоа правните односи со бракот, семејството и вонбрачната заедница да се уредат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Со ова во целост се задоволуваат меѓународните стандарди“, вели тој.

За изгласување на новите уставни амандмани, потребно е двотретинско мнозинство, или најмалку 82 гласа „за“, онолку колку што има владејачкото мнозинство. Парламентот на оваа тема ќе расправа в петок.

XS
SM
MD
LG