Линкови за пристапност

Болница во Вашингтон со можен случај на ебола


Медицинските власти го изолирале пациентот и „активирале соодветен протокол за контрола на инфекцијата“.

Пациент со симптоми како ебола бил примен во болница во главниот град на САД.

Портпарол на болницата на Универзитетот Хауард во петок кажа дека пациент кој неодамна патувал во Нигерија е во стабилна состојба. Портпаролот кажа дека медицинските власти го изолирале пациентот и „активирале соодветен протокол за контрола на инфекцијата“.

Во меѓувреме, екипа за справување со опасен материјал во Далас, Тексас, влегла во апартманот каде четворица од членовите на семејството на пациентот со ебола се во карантин веќе неколку дена. Екипата се очекува да ги отстрани контаминираните чаршави и други предмети што ги употребил пациентот со ебола, либерискиот државјанин Томас Данкан, пред да биде примен во болница во Далас во неделата.

Здравствените претставници од Центрите за контрола и превенција на болести во Атланта, Џорџија, велат дека сега мониторат околу 50 лица кои имале директен или индиректен контакт со Данкан.

Белата куќа повтори во петокот дека нема планови да воведе забрана на патување за да ја држи еболата подалеку од САД.

Во меѓувреме, американски камерман кој работел за НБЦ Њуз се заразил со ебола. Организацијата вели дека ја повлекла целата екипа назад во САД. Тие ќе бидат подложени на карантин од 21 ден.

Светската здравствена организација известува дека над 3.400 лица умреле од ебола и над 7.400 биле заразени со ебола во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Американскиот Стејт департмент вели дека би било контрапродуктивно да се ограничат визите за луѓе кои патуваат од зафатените западноафрикански држави. На прес брифинг во петок, портпаролката Џен Псаки кажа дека визите се оценуваат на база случај-до-случај со тоа што безбедноста и сигурноста на САД се главен приоритет.

XS
SM
MD
LG