Линкови за пристапност

Македонија: Без претставник на ДУИ во Советот за безбедност


Нови членови се експратеничката на ДПА, Флора Кадриу и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, Насер Сејдини

Пет месеци по реизборот, македонскиот претседателот Ѓорге Иванов денес се сретна со членовите од новиот состав на Советот за безбедност, во кој ќе нема претставник на албанскиот коалиционен партнер во извршната власт, Демократската унија за интеграција - ДУИ, која, откако не беше прифатен нејзниот предлог за „консензуален претседателски кандидат“, не го признава легитимитетот на Иванов.

На денешниот прв состанок на Советот, чија функција според Уставот е да ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на државата и да дава предлози до Собранието и до Владата, претседателот Иванов ги известил членовите за посетата и за неговите излагања на ООН, каде ги потенцираше сериозните безбедносни ризици во регионот, предизвикани од опасноста од ширењето на тероризмот на глобално ниво

Тема на конститутивната седница биле актуелните случувања во Сирија и Ирак и рефлектирањето на тие состојби во регионот и во Република Македонија, со посебен акцент на регрутирање на граѓани од регионот и од Република Македонија кои заминуваат во тие кризни региони. Советот за безбедност заклучил дека субјектите на системот за национална безбедност треба да ги зајакнат активностите во насока на обезбедување, навремено предупредување за евентуални закани и ризици по националната безбедност, а со цел подобрување и развој на системот за рано предупредување, превенција и контрамерки по евентуална утврдена закана.

Покрај претседателот Иванов, во својство и на врховен командант, членови на Советот по функција се и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и премиерот Никола Груевски, како и министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, Зоран Јолевски, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска. Покрај нив, член на Советот за безбедност, и понатаму е професорот Вели Креци од Универзитетот на Југоисточна Европа, а претседателот Иванов, запазувајќи го етничкиот состав на населението, назначил уште два члена: поранешната пратеничка на ДПА, Флора Кадриу и заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, Насер Сејдини

Иако не го признаваат Иванов, во месеците по изборите, од ДУИ во медиумите потенцираа дека ги признаваат институциите и дека очекуваат да бидат застапени и нивни кандидати на функциите на кои тоа е е предвидено, затоа што како партија, на избори го освоиле легитимитетот да ги претставуваат етничките Албанци.

Во првата реакција за новиот состав на Советот за бесбедност, ДУИ го „потсети“ претседателот Иванов дека „безбедносната ситуација не е театарска претстава или телевизиски шоу за да именува нелегитимни и некомпетентни личности, а ниското удварање на Флора Кадриу во изборната кампања, покажа дека тоа беше за лични цели“.

Од ДУИ тврдат дека постоел договор за коалицирање и поддршка од ДПА за Иванов: „Уверени сме дека ДПА после ова ќе се врати во Собранието, затоа што ја реализира нејзината цел и уште еднаш потврди дека оваа политичка партија не работи за национални интереси, туку работи за партиски и групни интереси“.

XS
SM
MD
LG