Линкови за пристапност

Албанија го одби американското барање на нејзина територија да се уништи сириското хемиско оружје


Премиерот Рама кажа дека е невозможно земјата да учествува во операцијата и дека ниту една друга земја не се согласила на тоа.

Албанскиот премиер Еди Рама го одби американското барање во Албанија да биде уништен сирискиот арсенал на хемиско оружје.

Во денешното обраќање, Рама кажа дека е невозможно земјата да учествува во операцијата, како и дека ниту една друга земја не се согласила на нејзина територија да биде уништено оружјето.

Рама даде ваква изјава среде силното противење во Албанија. Денес стотици демонстранти се собраа пред неговата канцеларија во Тирана, носејќи транспаренти и извикувајќи: „Не за хемиското оружје“.

Нешто порано денеска, Организацијата за забрана на хемиското оружје, задолжена за елиминирање на хемискиот арсенал во Сирија, на состанок разгледуваше што да стори со оружјето. Организацијата има соопштено дека арсеналот најпрвин треба да се отстрани од Сирија, пред да започне ризичниот процес на негово уништување.
XS
SM
MD
LG