Линкови за пристапност

Референдум за името пред влезот во ЕУ


Гералд Кнаус
Гералд Кнаус

План на Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност за решавање на спорот околу името.

Гералд Кнаус, првиот човек на невладината Европска иницијатива за стабилност истапува со нов предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Атина.

Убеден сум дека ништо не може да се наметне со сила од надворешен фактор, врз која и да е од страните, ниту сега, ниту подоцна. Потребен е компромис што националните лидери ќе може да го претстават на јавноста и во Скопје, и во Атина, како чекор напред за нивната страна; таков во кој обете страни ја задржуваат можноста да реагираат се` до практичното пристапување на Македонија кон ЕУ.
Од блогот на Гералд Кнаус во кој изнесува предлог за решавање на спорот со името

Кнаус во блог наведува дека пред неколку месеци ја посетил Македонија за да го претстави предлогот на премиерот, шефот на дипломатијата, партиските лидери, како и дипломатите на ЕУ во Скопје. Тој наведува дека предлогот потоа го претставил и во Брисел, Берлин и некои други престолнини на ЕУ и дека оттогаш циркулира меѓу европските дипломати.

Како што јавија повеќе медиуми во изминатиов период, повикувајќи се на дипломатски извори, предлогот на Кнаус во четири точки е моделот според кој ЕК се надева дека би можело на Македонија да и` се даде датум за преговори за членство на претстојниот самит на ЕУ, а потоа во раната фаза на преговорите да биде најдено и компромисно решение за името. Референдумот во Македонија, според предлогот, би се одржал на крајот од преговорите за членство во ЕУ. На него, граѓаните на Македонија би требало во исто време да одговорат дали се за членство во ЕУ и дали го прифаќаат компромисот со Грција.

Блогот на Гералд Кнаус
Блогот на Гералд Кнаус
Четирите точки на Гералд Кнаус, изложени на блогот, се:

1. Постои активно посредништво меѓу обете страни што се фокусира исклучиво на наоѓање на компромисно име на земјата со географска одредница, бавејќи се со прашањата на прием на РМ во НАТО и отворањето на пристапните преговори со ЕУ.

2. Грција и РМ се согласуваат на компромисно име – X што содржи географска одредница. Ова веднаш ќе го замени БЈРМ, онаму каде тоа во моментов е во употреба во меѓународните односи.

3. Грција се обврзува да и` дозволи на РМ да се приклучи на НАТО под ова ново провизорно име Х, по што следи покана за прием во НАТО.

4. РМ го менува уставот, на пример со текст како овој: „Од денот кога Република Македонија ќе се приклучи на Европската унија, меѓународното име на земјата ќе биде Х, за употреба erga omnes на сите јазици освен на официјалните јазици на земјата“.

Ветениот референдум за пристапување кон ЕУ на крајот на преговарачкиот процес со тоа де факто станува вистинскиот референдум за прашањето за името (немаше референдум за БЈРМ; се` до пристапувањето ќе се користи новото име наместо БЈРМ).

Лидерите на РМ менуваат едно име кое нивните граѓани не го сакаат (се однесува на држава што исчезна пред децении – Југославија) со друго име кое не го сакаат, обете користени на ист начин.

Ниту една страна не ја губи можноста да реагира во иднина. Доколку идните грчки влади го блокираат пристапувањето на РМ на ЕУ или пак упатат нови барања што во Скопје ќе се оценат како неприфатливи, тоа истовремено ќе го одложи стапувањето на сила на клучните одредби на компромисот. Грција покажува на своите партнери од ЕУ дека останува активно ангажирана во полза на балканското проширување. Грција исто така ја задржува можност да реагира, се` до самиот крај на пристапниот процес.

“Би било лудо да се биде преголем оптимист дека нешто може да помогне да се надмине вака комлициран спор. Па сепак, има низа причини да се биде поголем оптимист овојпат отколку кога и да е во подолг период од минатото. Убеден сум дека ништо не може да се наметне со сила од надворешен фактор, врз која и да е од страните, ниту сега, ниту подоцна. Потребен е компромис што националните лидери ќе може да го претстават на јавноста и во Скопје, и во Атина, како чекор напред за нивната страна; таков во кој обете страни ја задржуваат можноста да реагираат се` до практичното пристапување на Македонија кон ЕУ“, пишува Кнаус во блогот објавен на Интернет страницата на Европската иницијатива за стабилност.
XS
SM
MD
LG