Линкови за пристапност

Женското генитално осакатување навлегува во европските земји, Балканот не е имун


Се смета дека околу 600.000 жени и девојчиња во европските земји се жртви на генитално осакатување направено од религиозни или културолошки побуди. Најмногу од нив се застапени во имигрантските заедници.
Се смета дека околу 600.000 жени и девојчиња во европските земји се жртви на генитално осакатување направено од религиозни или културолошки побуди. Најмногу од нив се застапени во имигрантските заедници.

На гинеколошката клиника во Скопје, пред две години е примена жена која како девојче била жртва на Генитално осакатување, зафат кој со закон е забранет во Северна Македонија. Шести февруари е светски ден за превенција од оваа појава, која често се прави од религиозни причини.

Осакатување, тоа е правиот збор што ја опишува појавата на Генитална мутилација кај жените. Така го почнавме разговорот со докторката Кристина Скепаровска од Гинеколошко-акушерската клиника од Скопје.

„Станува збор за интервенција којашто се презема заради културолошки или религиозни причини и нема никаква врска со каква била пореметена анатомија на женските гениталии“, категорична е Скепаровска.

Шести февруари е светски ден за превенција од женското генитално осакатување. Се работи за процес на делумно или целосно отстранување на делови од надворешните гениталии кај девојчињата. Постапката често се изведува затскриено, во несоодветни услови и целта воопшто не е од медицинска природа.

Опфаќа отстранување на целиот клиторис во првиот степен, отстранување на клиторисот и малите усни, отстранување на клиторисот, малите усни и големите усни
Доц. д-р Кристина Скепаровска

„Апсолутно дека е насилство врз женското здравје и дека е тема за којашто треба да знаат жените. Има отстранување на целиот клиторис во првиот степен, отстранување на клиторисот и малите усни, отстранување на клиторисот, малите усни и големите усни“, објаснува докторката.

Гениталното осакатување кај жените, и покрај бројните забрани, сè уште масовно се применува низ делови од светот. Пред две години токму докторката Скепаровска во Скопје имала пациентка која била жртва на генитална мутилација. Кај пациентката тоа се случило додека била девојче и живеела во странство.

„При самата визуелизација беше утврдено дека станува збор генитално осакатување од трет степен. Беше збришан целиот клиторис, малите усни и дел од големите усни. Тоа што беше интересно е дека жената не беше воопшто свесна дека има таков проблем до релативно доцна во својот живот. Направена интервенцијата како девојче и, за неа, тоа што го гледа како генитални органи е нормално, бидејќи нема концепт како тоа треба да изгледа, сè додека подоцна не осознала дека е различна“, раскажува Скепаровска.

Доц. д-р Кристина Скепаровска, Универзитетска гинеколошко-акушерска клиника, Скопје
Доц. д-р Кристина Скепаровска, Универзитетска гинеколошко-акушерска клиника, Скопје

Појавата е масовно присутна во делови од Африка, како и на Блискиот исток. Според светската здравствена организација, во светот околу двесте милиони жени и девојчиња се жртви на гениталната мутилација. Се смета дека од нив, околу 600.000 живеат во европските земји.

„Се забележува дека ваквите штетни појави пенетрираат и во општества каде што не биле присутни. Така, денес, во Европа во имигрантските заедници веќе се практикуваат овие штетни практики“, објаснува Нада Тофоска, магистер по социјална политика.

Нада Тофоска, Координаторка на Центарот за упатување на жртвите од силување, Гинеколошко-акушерска клиника, Скопје
Нада Тофоска, Координаторка на Центарот за упатување на жртвите од силување, Гинеколошко-акушерска клиника, Скопје

Според податоците на Европската комисија околу 17.000 девојчиња до 15-годишна возраст во европските земји се потенцијални жртви на оваа појава. Голем дел од нив доаѓаат преку процесот на имиграција. Токму тие миграциски движења и културолошки мешања го прават и Балканот ранлив на оваа појава.

Ваквите штетни појави пенетрираат и во општества каде што не биле присутни. Во Европа се присутни во имигрантските заедници
Нада Тофоска

„Сите превентивни мерки треба да почнат во раната возраст, бидејќи тие ги обликуваат свеста и доживувањето на идната популација од возраст кога се момчиња и девојчиња. Така, на пример, една од важните превентивни мерки би требало да биде воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата“, посочува Тофоска.

Според македонските закони, женското генитално осакатување се смета за родово базирано насилство. Во таа насока, на клиниката за гинекологија и акушерство работи Центарот за упатување на жртвите од сексуално насилство. Таму координатор е Тофоска, која е и поранешна акушерка.

„Всушност потребата за отворање на овие Центри се наметнала бидејќи во минатото жртвите на силување, во целата таа нивна траума, биле приморани да се движат од една институција во друга. Значи тука жената ќе ја добие целата услуга. Згрижување на повредите, тоа е на прво место, ако се и животно-загрозувачки. Правна помош, згрижување во смисла на вадење од таа средина којашто е опасна за нејзе и згрижување во засолниште. Како и судство-медицински медицински преглед, доколку за тоа даде налог обвинителството“, објаснува Тофоска.

Женската генитална мутилација навлегува во Европа
Женската генитална мутилација навлегува во Европа

Стручните лица укажуваат, последиците од тие зафати, можат да бидат и фатални.

„Раните последици се врзани за самата непосредна интервенција. Тоа значи поголема количина на крварење, коешто треба да се згрижи. Има хематоми, инфекција на рани. Доколку сè се заврши идеално, таа жена ќе има доста компликации. Прво во сексуалната сфера, второ, во психолошкиот елемент кога ќе сфати дека била жртва на нешто што во основа е сексуално насилство“, посочува докторката Скепаровска.

Сличен став изнесува и социјалната работничка Тофоска.

„Многу штетни појави за девојчињата бидејќи сериозно го афектираат нивното здравје, нивната ментална состојба, нивната социјална состојба, образовен статус“, додава Тофоска.

Официјални статистики и сознанија за применување на овој тип насилство низ македонските села и градови во поново време, засега нема. Сепак, нашите соговорнички се категорични – неопходна е нула толеранција кон женското генитално осакатување. и кон секоја форма на насилство врз жените.

XS
SM
MD
LG