Линкови за пристапност

Интервјуата на Груевски и Заев

  • Соња Трајковска

Деталите од нивните разговори во Стразбур се` уште непознати, но тие сепак се огласија за суштински прашања

Додека за македонската јавност и натаму се мистерија деталите на 10-часовните разговори во Стразбур меѓу лидерите на двете најголеми политички партии во земјата за наоѓање на излез од повеќемесечната политичка криза во земјата, под будно око на меѓународните посредници, а неколкуте лидерски средби во земјава завршуваа само со договор за нова средба, информациите за нивните ставови по битни прашања деновиве доаѓаат преку интервјуата на Никола Груевски и Зоран Заев за домашни и странски медиуми.

„Немаме докази дека зад кумановските настани стои некоја од големите светски сили, ниту дека зад снимените телефонски разговори стои некаква таква завера“, вели премиерот Груевски во интервјуто за порталот „Прес 24“, одговарајќи на прашања коишто повеќепати беа покренати во јавноста, откако прво тој јавно, а потоа и медиумите блиски до Владата го обвинија лидерот на опозицијата Зоран Заев дека со помош на странски служби работи на дестабилизација на земјата.

„Досега немаме податок дека некоја држава, или нејзина разузнавачка служба дала логистика или на било кој начин ја поттикнало криминално терористичката група да го стори делото. А впрочем и не гледам зошто токму држави кои толку многу инвестирале досега во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат истата. Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска сфера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји (САД, Германија, Франција, Британија) мислам дека не им е потребнa осомничената агентурна мрежа во Македонија, доколку одлучат да дојдат до таков вид материјали. Оттука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес. Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа“, вели Груевски за порталот којшто се смета за близок до владејачката структура.

На прашањето дали ова значи ретерирање во претходниот став, Груевски истакнува дека и „самиот Заев му кажал и пет пати му повторил дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот“, дека „во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународна комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци“, дека „во исказите двајцата од осомничените, а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и парична надокнада, се наменети за странска разузнавачка служба“.

За неодамнешната средба во Стразбур, во истото интервју Груевски само открива дека „тие разговори ќе продолжат, и ова само укажува дека Македонија има пријатели кои и во кризно време сакаат да помогнат“.

Тој исто така тврди дека „не е точно дека не се изјаснил“ за сомнежите за напуштање на евроатлантската ориентација на земјата и свртување кон Русија и дека многу јасно кажал дека „иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ“. За забележителното присуство на руските знамиња на неодамнешниот митинг на владејачката ВМРО- ДПМНЕ во Скопје, Груевски вели дека „станува збор за работи што ги направиле некои индивидуалци“ и дека „ставот на партијата, и стратешката ориентација на државата не се рефлектира преку тоа каква маица ќе облече некој од 100- те илјади граѓани дојдени на митинг, туку преку пораките кои јавно, јасно и недвосмислено ги испраќа од тој настан претседателот на таа партија преку јавен настап и говор“.

Во интервјуто за порталот „Прес 24“, Груевски со многу посмирен тон зборува и за односите со Грција, за разлика од досегашната политика, кога за застојот во разговорите беше обвинувана токму Атина.

„За жал во овој момент Грција е целосно фокусирана на нивниот финансиски проблем во земјата. Се надевам дека по неговото надминување, односно по надминувањето на неговата критична фаза, ќе се фокусира и на овој проблем чие решавање е од интерес на двете страни. Во меѓувреме, се работи на креирање мерки кои би изградиле одредено ниво на доверба помеѓу земјите, и кои би помогнале во надминување на некои други прашања од различни сфери“, вели Груевски. Во ист тон тој говори и за „нов импулс“ во односите со Бугарија, и за изјавата на премиерот на Албанија Еди Рама, според кого „Македонија не може да стане дел од НАТО без целосно да го имплементира Охридскиот договор“.

„Интерес на граѓаните на Македонија и на Албанија е најбрзо интегрирање на двете земји во ЕУ и наше интегрирање во НАТО, каде што Албанија е веќе член. На ова треба заедно да работиме и да се подржуваме, а во интерес на безбедноста и напредокот на регионот и на граѓаните на двете земји. Треба силите и енергијата да ги концентрираме на тоа поле и на тој пат“, вели тој.

И додека овдешната јавност со нетрпение очекува водачот на СДСМ да ја објави „Вистината“ за убиството кај Смилковското Езеро, случај што од почетокот доби меѓуетнички тон, Заев токму за овој случај проговори во интервју за германскиот весник „Ди цајт“, и тоа со прилично бомбастична изјава дека седумтемина етнички Албанци кои се осудени за случајот се невини.

„Тие неправедно седат во затвор“, вели Заев во интервјуто што го пренесе Дојче веле, но, како што се наведува „стравува оти објавувањето на „вистината за случајот“ може да предизвика немири во албанската заедница во Македонија“.

„Може да има и жртви. Затоа во моментов водиме интензивни разговори со албанската заедница, за да најдеме начин да спречиме таква реакција. Мораме да биде многу внимателни со вистината. Мораме да го сочуваме единството на народот“, вели тој за „Ди цајт“.

Иако, како што вели, „до одреден степен е многу загрижен“ дека состојбата може да излезе од контрола, тој додава дека „мораме да ги подготвиме луѓето за вистината, мораме да бидеме многу одговорни“, истакнувајќи дека сепак„не очекува да се повтори конфликтот од 2001 година“.

За тоа колкава е веројатноста, по се`, премиерот Груевски да поднесе оставка, Заев вели дека не верува оти тоа ќе се случи.

„Тоа би значело лично признание на вината. Сметам дека преку преговори можеме да изградиме преодна влада. И потоа, и за него би имало можност за достоинствено повлекување“. Според Заев, „за Груевски мора да постои можност за излез во рамките на еден процес“. Тој потсетува дека веќе имало оставки во владата, и тоа го толкува како „јасна порака од Груевски“.

„Се надевам дека заеднички ќе најдеме решение за кризата и ќе ги смириме граѓаните. Прво ни е потребна една преодна влада. Таа треба да ги подготви новите избори. Пред нас стојат итни задачи кои мораме да ги исполниме. Слободата на медиумите и независноста на судството мора повторно да бидат воспоставени. Мора да дојде до одвојување на партијата од државата. Тоа се основните задачи“, вели Заев. На крајот и тој ги отфрла тврдењата дека големите сили (Западот и Русија) се вмешале во политичката криза во земјата, истакнувајќи дека „нашето место е во Европа. Сакаме добри односи со Русија, но пред се` сакаме во Европа. За тоа не постои алтернатива“, вели Заев во интервју за германски „Ди цајт“.

XS
SM
MD
LG