Линкови за пристапност

Нови напади во Јемен


Носачот на авиони Теодор Рузвелт (ЦВН 71) и крстосувачот Нормандија (ЦГ 60)

Носачот на авиони Теодор Рузвелт (ЦВН 71) и крстосувачот Нормандија (ЦГ 60)

Два дена откако требаше да дојде крај на воздушната акција под водство на Саудиска Арабија

Воени авиони денес бомбардираа позиции на шиитските бунтовници Хути во Јемен, два дена откако требаше да дојде крај на воздушната акција под водство на Саудиска Арабија.

Сведоци наведуваат дека целта на бомбардирањето биле области околу крајбрежниот град Аден во јужниот дел на земјата, каде што продолжува борбата меѓу Хутите и поддржувачите на симнатата влада.

Саудиска Арабија вторникот објави крај на воздушната операција „Решителна луња“. Но, кусо време потоа, авионите на коалициските сили нападнаа позиции на бунтовниците во Аден и градот Таиз во централниот дел на земјата.

Во едномесечната воздушна акција загинаа стотици лица и таа предизвика тешка хуманитарна криза во Јемен, но во најголем дел не успеа да ги поттисне бунтовниците. Хутите зазедоа големи делови на Јемен и го принудија претседателот Абд-Рабу Мансур Хади, којшто има поддршка од Запад, да пребегне во Саудиска Арабија. Се верува дека бунтовниците имаат поддршка од шиитската влада на Иран, којашто наводно испратила флота бродови во правец на Јемен.

Американскиот секретар за одбрана Аштон Картер вчера изјави дека САД се посекако загрижени дека флотата ирански товарни бродови носи оружје за бунтовниците Хути.

„Нема причина да се доставува современо оружје во ситуација којашто веќе ги надмина разумните рамки“, изјави Картер.

Вашингтон го распореди носачот на авиони Теодор Рузвелт и неколку други бродови во близина на водите на Јемен, делумно како одговор на наводниот ирански конвој. Картер не сакаше да коментира дали САД се подготвени да ги пресретнат иранските бродови, но кажа дека присуството на американската морнарица на Вашингтон му дава - можности.

Американскиот претседател Барак Обама за ТВ-мрежата МСНБЦ вторникот изјави дека САД упатиле мошне директна порака до Техеран дека ќе биде проблем доколку биде доставено оружје на фракциите во Јемен.

Амбасадорот на Саудиска Арабија во САД, Адел ал-Џубеир вчера кажа дека неговата земја ќе изврши нови напади доколку биде потребно, но дека кампањата ги остварила главните цели.

„Значително ја разградивме нивната готовност и со тоа ја отстранивме заканата којашто ја претставуваа по Кралството на Саудиска Арабија“, рече Ал-Џубеир. Но, тој додаде дека не постои армиско решение за судирот и дека единствениот начин за мир е преку преговори под закрила на ОН. И Хутите искажаа подготвеност да се вратат на преговорите.

Минатата недела, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун кажа дека дипломатскиот процес со поддршка на ОН и натаму е најдобриот начин да се избегне одолговлекување на војната со страшни последици по регионалната стабилност.

САД ја поддржаа воздушната акција, но и одлуката на коалицијата под саудиско раководство за нејзин крај. Белата куќа повика на итно продолжување на преговорите меѓу сите засегнати страни во Јемен, преку севклучителен процес на политичка транзиција.

Иран го поздрави, како што го оцени, крајот на „убивањето на недолжни и голораки цивили“ и оцени дека тоа е чекор напред кон политичко решение.

Според Светската здравствена организација, минатиот месец во Јемен загинале 1.080 лица, а 4.352 биле повредени.

XS
SM
MD
LG