Линкови за пристапност

Нов напис во магазинот Атлантик повторно го покренува старото прашање – без позитивен одговор.

Кога Ен-Мари Слотер дошла во Вашингтон во 2009-та година како прва жена–директор за политичко планирање во Стејт департментот, забележала дека нема многу флексибилност. Претходно била професорка на Универзитетот Принстон и била навикната да е многу зафатена, но таа не морала да го организира времето спрема распоредот на друг.

Во 2011-та година Слотер се вратила на професорската позиција и одлучила да пишува за нејзиното искуство. Иако авторка на повеќе книги за надворешна политика и оворник на разни форуми за меѓународни прашања, неодамнешниот напис во магазинот Атлантик со наслов „Зошто жените и натаму не можат да имаат се`?“, отвори широка дебата.

Џен работи како консултант за владини прашања. Живее во предградие на Вашингтон со својот сопруг и две малолетни ќерки. Заедно со сопругот го комбинираат времето за активности и обврски околу децата, со обврските на работа.

„Вашингтон е еден од градовите со голема моќ и голем притисок“, вели таа. „Доколку имате висока владина позиција во овој град или друго работно место што бара огромен ангажман, мислам дека е тешко да се издвои време за семејството и во исто време за унапредување на кариерата. Ова не е флексибилен град“.

Концептот „да се има се`“ – успешна кариера и задоволителен семеен живот, се појави по вториот бран на движењето на жените во САД. Идејата е да се еднакви можностите за двата пола и во таа смисла да се променат не само законите туку и културата.

Џен вели дека пред неколку години направила компромис да ја напушти позицијата во сенатската комисија и да работи како консултант.

„Има моменти кога посакувам да сум инволвирана во процес на донесување големи одлуки, но не жалам, бидејќи доаѓам дома навреме да си ги видам децата“, вели таа.

„Се сметам себеси за горда феминистка. Целиот живот го минав верувајќи дека мажите и жените треба да имаат еднакви можности и се обидувам така да живеам и да бидам модел за таква жена. Знам дека постари жени не би се согласиле со мене, зашто според нив не е добро да кажете дека нешто не можете да постигнете, зашто тогаш мажите нема да ве вработат, а помладите жени ќе бидат обесхрабрени“, додава Џен.

Професорот Слотер вели дека помладите жени заслужуваат да ја знаат вистината. Таа инсистира дека целта не била да се покаже дека е невозможно да се има и работа и семејство.

„Секако дека може да ги имате и двете“, вели Џен. „Но за тоа во општеството се потребни големи промени, а една од нив е овозможување флексибилност на работното место“.

Под флексибилност таа мисли дека жените и мажите треба да бидат во можност да останат дома доколку има потреба, да можат да презакажат конференции кога не можат да го исполнат задачите, да работат од дома еден ден во неделата, нешта на кои, вели таа, луѓето треба да работат доколку сакаат да го балансираат семејниот живот и работата.

„Работната атмосфера и натаму е базирана на сфаќањето дека имате некој кој работи, а кој не е толку ангажиран околу децата“, вели таа. „Овие промени што не е толку тешко да се направат, ќе овозможат огромна разлика за родителите и за мажите и за жените“.

Сепак во културата за многу професии од висок профил е дека долгите работни часови и непредвидливото работно време се знак на посветеност на работата. А една од главните идеи на феминистичкото движење во САД е дека жените можат „да имаат се`“, доколку им бидат дадени исти можности како и на мажите и доколку вложат доволно напор.

Во моментов, иако околу половина од популацијата во САД се жени, жените држат околу 15 до 25 проценти од врвните позиции. Жените во САД и натаму заработуваат само 78 центи на секој долар заработуван од мажите.

Така, прашањето дали жените можат да „имаат се`“ останува уште еднаш без позитивен одговор.
XS
SM
MD
LG