Линкови за пристапност

„Вечери на женските права“


Алтернативен пристап кон прославата на Денот на жената - 8 Март во Македонија, вели Доминика Стојановска од канцеларијата на ОН жени - Скопје, еден од иницијаторите на проектот

„Вечерите на женските права“, како и секоја година, така и оваа, се обидуваат да понудат едно поинакво гледиште, еден алтернативен пристап кон прославата на Денот на жената - 8 Март во Македонија. Преку дебати на кои ќе се разговара на теми поврзани со родовата еднаквост, оваа манифестација прави напор да отвори пошироко поле на размислување за овие прашања во рамките на општеството“. Вака за Гласот на Америка вели Доминика Стојановска од канцеларијата на ОН жени - Скопје, еден од иницијаторите на проектот, во чиишто цели е и јакнењето на критичката мисла преку отворени дебати за (не)еднаквоста меѓу половите во македонското општество.

Доминика Стојановска од канцеларијата на ОН жени - Скопје
Доминика Стојановска од канцеларијата на ОН жени - Скопје

Шестата по ред годишна манифестација „Вечери на женски права“ се одвива под покровителство на Град Скопје, а со партнерство и соработка на Градот, ОН жени, Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет и Универзитетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА.

Годинешните активности се во духот на одбележувањето на дваесетгодишнината од четвртата Светска конференција за правата на жените во Пекинг и донесувањето на Пекингшката декларација и Платформа за акција. Од 2-ри март, во Скопје се одвиваат дебати на активисти за женски права и родова еднаквост, професори, студенти, аналитичари, претставници на разни институции и невладини организации, но и граѓани коишто сакаат да придонесат. Во програмата на активностите, за денес и утре се предвидени проекции на документарни филмови, изложбата „Нераскажаните приказни на суперхероините 2”, а во недела и велосипедска тура по повод глобалната кампања „Планета 50:50 до 2030 - сите за родова еднаквост”.

Во четири средни училишта се одржуваат работилници за правата на жената и родовата еднаквост, спроведени од студенти од Институтот за родови студии при УКИМ и Универзитетот за аудиовизуелни уметности. Планирана е национална конференција по повод 20-годишнината од усвојувањето на Пекингшката декларација (Пекинг +20) „Јакнење на жените - јакнење на човештвото: Претставете си!”. Во недела, во Кинотеката на Македонија, по проекцијата на документарниот филм „Среќни засекогаш", ќе следува тематска дискусија на тема „Вечна љубов – мит или реалност”.

XS
SM
MD
LG