Линкови за пристапност

Клинтон: женските права се и човекови права


Клинтон: женските права се и човекови права

Клинтон: женските права се и човекови права

Државната секретарка покрена проект за зголемување на бројот на жени во јавниот сектор.

„Рамноправноста на полот, еднаквоста на жените во сите полиња на животот – тоа е нашата заложба“ – вака американската државна секретарка Хилари Клинтон го образложи проектот за зголемување на бројот на жени во јавниот сектор на локално, национално и меѓународно ниво, што денес го покрена на конференција во Вашингтон.

Идејата е да се идентификуваат и образуваат нови генерации на жени кои се решиле на јавна кариера, да се создаде инфраструктура за нивна поддршка и да се обезбеди менторство, така што ќе остават трага во јавниот сектор и политичкото лидерство на нивните земји.

Проектот е иницијатива на Стејт департментот и седум универзитети во САД.

Хилари Клинтон, која ја најави иницијативата уште пред девет месеци по повод Меѓународниот ден на жената, гледа се` поголемо влијание на жените во својата сегашна професија.

„Во моментов има повеќе жени-амбасадорки во Вашингтон од кога и да е претходно“, рече таа.

Па сепак, Клинтон даде и податок дека жените држат помалку од 20% од парламентарните места во светот иако се 50% од светското население. Таа слика мора да се измени, кажа шефицата на американската дипломатија и истакна амбициозна цел – до 2050-та, 50% од јавниот сектор во светот да го сочинуваат жени.

„Потребно е да се смени стереотипот - што е успешна жена и каде и` е местото во општеството“, кажа Клинтон, затоа што „правата на жените се и` човекови права“.

Меѓу соговорниците на конференцијата во Вашингтон беа шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бојкова, американската секретарка за здравство Кетлин Сибелиус, поранешната конгресменка и сегашна директорка на центарот Вудроу Вилсон, Џејн Хартман и претседателката на Косово Атифете Јахјага. Македонија ја претставуваше вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи, меѓу 40 учесници од 37 земји во светот.

XS
SM
MD
LG