Линкови за пристапност

ДУИ бара меѓународна помош за македонската евроинтеграција


Средби на Ахмети со Волерс и Лалакос, апел на Бесими.

САД директно да се вклучат и да помогнат да се реши проблемот со името. Ова од американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс денеска го побарал лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од средбата што се одржала во Амбасадата, партијата, која е дел од владината коалиција, излезе со соопштение во кое пренесе дел од она за што било разговарано.

„САД се стратешки партнер на Македонија и регионот во напорите за интеграција на земјите од Западен Балкан во НАТО, но и во Европската унија. Сега е време за решение и страните да седнат на маса со помош на меѓународната заедница, САД, Европската Унија и НАТО“, нагласил Ахмети.

Амбасадорот Волерс, пак, како што соопштуваат од ДУИ, „ја потврдил американската поддршка за процесот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури и ги охрабрил напорите за интензивирање за да постигне оваа цел“. Од партијата на Ахмети истакнуваат дека станало збор и за актуелната политичка ситуација во земјата, евроатлантска перспектива на Македонија, реформите на изборниот законик и претстојните претседателски избори, при што Ахмети го повторил ставот за поддршка на консензуален кандидат, прифатлив за сите граѓани.

На средбата на Ахмети со првиот американски дипломат во Скопје и` претходеше средбата со шефот на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје Харис Лалакос. Во писменото соопштение од службата за информирање на ДУИ се наведува дека Ахмети и Лалакос „размениле мислења за Самитот на Европската унија во Брисел, за политичките случувања меѓу двете држави и за евроатланската интеграција на Македонија“.

Ахмети, според соопштението, истакнал дека членството на Македонија во НАТО и ЕУ останува приоритет за партијата и дека ќе продолжат напорите за постигнување на оваа цел, а изразил и надеж дека Скопје и Атина ќе седнат на заедничка маса што е можно поскоро и ќе постигнат компромис во врска со прашањето за името.

„Решавањето на спорот за името и добрососедските односи се предуслов за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Истовремено, овој процес е единствената опција за нашата земја и треба да се потрудиме за да се постигне целта“, се вели во соопштението од партијата.

Во меѓувреме, уште еден висок функционер на ДУИ, вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, преку порталот Еурактив, ги повика странските лидери да и` помогнат на Македонија во спорот со Грција и да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

Оваа порака, во интервјуто за Еурактив, Бесими ја упатува од името на граѓаните -етнички Албанци. Тој од меѓународната заедница, особено ЕУ и НАТО, бара да интервенираат во 20-годишниот спор меѓу Грција и Македонија за името и да помогнат да излезе од ќор-сокакот во кој се наоѓа.

„Сегашната ситуација стана предизвик за нашата земја, очекувања станаа различни во различните етнички групи, вели Бесими. Според него, „албанската заедница е незадоволнa од недостигот на напредок во интеграцијата во ЕУ и Албанците чувствуваат дека напредокот кон ЕУ ќе ги зголеми можностите за работа и ќе ги унапреди нивните права, во време кога невработеноста се` уште е голема“.

„Ние ќе продолжиме да разговараме со нашиот сосед, Грција, во рамките на ОН, но потребно ни е меѓународната заедница да помогне во овој процес, без разлика дали се тоа институциите на ЕУ, земјите-членки, НАТО или САД. Не прејудицирам формат, но видовме како ЕУ успешно се вклучи во билатерални спорови како што се Србија и Косово или Словенија и Хрватска“, вели Бесими во интервјуто за порталот Еурактив.
XS
SM
MD
LG