Линкови за пристапност

СДСМ обвини за провизии од Израел, МВР тврди дека е донација

  • Синиша Станковиќ

Првиот контраразузнавач Мијалков ќе го тужи водачот на опозицијата Заев

Водачот на опозицијата Зоран Заев објави нова снимени телефонски разговори коишто ја сочинуваат 15-тата таканаречена бомба. Според претседателот на СДСМ, разговорите покажуваат дека челникот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, инаку братучед на премиерот Никола Груевски, преку неговата тогашна соработничка Светлана Костова (која според порано презентираните разговори потоа ја „избрал“ за судијка) барал половина милион евра од една израелска компанија за да почнат преговори за набавка на опрема за прсислушување за македонското МВР, вредна околу 14 милиони евра, којашто е изведена како зделка преку Русија и Унгарија .

Покрај снимените разговори, на јавноста ѝ беа претставени и СМС пораки со кои, според Заев, се докажува дека Мијалков од Израелецот Х.Х., којшто често доаѓал во Македонија и што беше потврдено со факсимил од неговиот пасош, на двапати зел провизија од 540.000 и од 840.000 евра.

Според опозицијата, во дел од аудио-снимките, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески кон крајот на 2012-та година разговараат за 850-те милиони денари (14 милиони евра) во буџетот коишто „не смеат да се чепнат, бидејќи така било договорено со премиерот“.

По прес-конференцијата на СДСМ, дел од медиумите ја пренесоа реакцијата на директорот на УБК Мијалков. Тој не ја негираше автентичноста на снимкките, но, како што кажа, „Заев изнел огромен број лаги и конструкции со кои повторно му нанел огромна штета на Министерството за внатрешни работи како институција, но и мене лично како директор на УБК“.

Мијалков најави дека за „за клеветите и конструкциите изречени против мене, Заев ќе добие соодветна пријава“. Тој тврди дека не станува збор за никаков поткуп или корупција, „туку за договарање и следење на процедурите околу донацијата која што ја доби Министерството од нашите пријателски служби. Донацијата од 5.557.377 евра е примена.Со неа е купена опрема којашто е предадена на специјалните единици и којашто се користи во моментов, со што е подигната нивната борбена готовност. За сето ова постои и писмена документација и договори кои ќе бидат приложени во процесот што ќе го покренам против Заев. Очекувам судот да ги констатира и соодветно санкционира клеветите и конструкциите согласно законите на Република Македонија“.

Реагираше со писмено соопштение и Министертвото за внатрешни работи (МВР) коешто исто така не ја негираше автентичноста на снимките, и овојпат не излезе со досегашната реакција на власта и на партијата ВМРО-ДПМНЕ, дека „снимките се монтирани, креирани, сечени и лепени“, туку тврди дека „денешната конструкција на четвртоосомничениот во аферата „Пуч“ (Заев) ги потврдува сомненијата дека основната цел на агентурната мрежа и останатите инволвирани во случајот, е рушење на институциите и безбедносниот систем на Република Македонија. Истите очекуваат ослабување на капацитетите и отварање на слободен простор за реализирање на нивните сценарија за уривање на слободната воља на граѓаните“.

„Целата јавност, денеска беше сведок на обид за директно инволвирање на официјални институции и пријателски служби од земји кои во бројни наврати ја докажале својата блискост со Република Македонија. За да не дозволиме јавноста да биде изманипулирана, сакаме да потенцираме дека тоа што денеска беше објавено претставува донација за опрема, не за следење на комуникации, туку опрема за припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи. За сето ова постои и официјален Договор за донација кој е класифициран со највисок степен како државна тајна“, тврди МВР.

Министерството за внатрешни работи денес и јавно му се извини на израелското Министерство за одбрана, „за денешниот срамен настап на четвртоосомничениот и да изрази уверување дека ставовите на вакви луѓе не се и официјални ставови на Република Македонија... Се надеваме дека блиските односи и соработката ќе продолжат и во иднина на највисоко ниво. Грѓаните на Република Македонија и Министерството се благодарни за донираната помош и убедени се дека ваквите испади нема да ги нарушат досегашните односи“.

XS
SM
MD
LG