Линкови за пристапност

Новата „бомба“ на СДСМ во Кавадарци


Наводи за злоупотреби на приватни фирми за партиски цели и кој стои зад фирмата СГС

Наводни злоупотреби на приватни фирми за партиски цели; кој стои зад фирмата за обезбедување Секјурити груп сервисис (СГС), којашто наводно добива милионски суми владини пари. Ова е содржината на наводните телефонски разговори меѓу владини и локални функционери, коишто денеска на прес-конференција во Кавадарци ги објави опозициската СДСМ, во рамките на серијата „Вистината за Македонија“.

„Се сеќавате дека уште во 2014-та година СДСМ објави дека зад агенцијата за обезбедување Секјурити груп сервисис, или накратко СГС, стои директорот на УБК Сашо Мијалков? Се сеќавате дека и власта на Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ негираа дека Мијалков стои зад оваа фирма? Е, па денеска јавноста ќе ја слушне вистината“, рече претседателот на општинскиот огранок на СДСМ, Зоран Ѓоргиев, додавајќи дека според она што го поседуваат тие, оваа компанија, за период од само три години, успеала да склучи договори вредни 15 милиони евра.

Според Ѓорѓиев, на денеска презентираните телефонски разговори се гласовите на шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање, на Слободан Николовски-Цобе, којшто во медиумите претходно се посочуваше како надворешен соработник на СГС, министрите Миле Јанакиески и Зоран Ставрески, градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Панов, шефот на Кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер и други владини службеници, а коишто „докажуваат за злоупотреби на приватни фирми во Кавадарци за партиските цели на ВМРО-ДПМНЕ, за поднесена оставка на градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, и ја заокружува вистината дека Сашо Мијалков целосно стои зад агенцијата СГС и дека успева да издејствува милионски бизниси за оваа компанија“.

Во 20-тината телефонски разговори, соговорниците зборуваат за партиски активности во Кавадарци во контекст на локалните избори од 2013 година, за тоа како се решавал проблемот со долгот кон лозарите, настанат со продажбата на „Винеја“, за, како што рече Ѓорѓиев, „познатите методи на ВМРО-ДПМНЕ, со спинување, веќе договорената изјава треба да се искористи за да се минимизира посетата на претседателот Заев при посетата на Кавадарци“, за наводни притисоци врз вработени во приватна фирма во Кавадарци да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ,

за договорање тендери за компанијата СГС, во кои наводно е вклучена и компанијата Т-мобајл.

„СДСМ го продолжува патот по кој тргнале, но се` поочигледно станува дека на тој пат не ги добиваат очекуваните резултати и ефекти од тоа што го прават. Нивните прес-конференции се се` повеќе израз на една малограѓанска култура отколку на достојна политичка битка“, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ за денешната „бомба“ на СДСМ презентирана во Кавадарци.

„Во денешното објавување на креираните, сечени и монтирани материјали, преку кои Заев продолжува да одработува за своите нарачатели, може да се види дека и покрај обидите за давање на контекст и наратив на објаснувачот нема апсолутно никаква импликација за било какво незаконско работење, ниту, пак, нелегално, туку само еден мрачен и срамен порив на Заев и тесната клика околу него да пласираат креирани и монтирани материјали за да си го потхранат нивните ниски страсти за да може потоа да озборуваат, муабетат и да се ситат на приватните животни предизвици кои ги имаат некои граѓани“, се вели во реакцијата.

XS
SM
MD
LG