Линкови за пристапност

„Бомба 12“: СДСМ ја обвини власта за партизација и приватизација на правосудството

  • Синиша Станковиќ

Заев: „Оваа тесна група на власт се пазарела, местела судии и обвинители по подобност“

Заев: „Оваа тесна група на власт се пазарела, местела судии и обвинители по подобност“

ВМРО-ДПМНЕ возврати дека опозицискиот водач Заев „ѝ наштетува на државата за да си ги покрие криминалите“

„Оваа тесна група на власт се пазарела, местела судии и обвинители по подобност, нарачувале судски пресуди за себе и за свои блиски, некои од нив готвеле дури и одмазднички планови за загорчувања живот на несервилните соработници“, изјави денес челникот на СДСМ Зоран Заев, на „детонацијата“ на дванаесеттата „бомба“ – објавувањето на, според опозицијата, снимени разговори на претставници на власта во коишто главна тема е партизацијата, приватизацијата и „дисциплинирањето“ на судството.

Водачот на опозицијата денес тврдеше дека комплетниот правосуден систем во Македонија е под целосна контрола на премиерот Никола Груевски, неговиот братучед, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и дека поставувале партиски кадри и свои луѓе за судии и јавни обвинители. Според Заев, на „тројката“ којашто го имала главниот збор во кадровската политика во правосудството ѝ помагале и претставниците на коалициониот партнер ДУИ, ексминистерот за правда Блерим Беџети и Муса Џафери. Последниот, тврди Заев, е десна рака на претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Според опозицијата, на снимките, меѓу другите, се и разговори на разузнавачот Сашо Мијалков со кандидатки за судијки, на неговиот брат Влатко Мијалков, којшто наводно бара ургенција и контакт со судечката судијка за предмет во Апелациониот суд; на поренашниот „кадровик“ на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протугер којшто од министерката за внатрешни работи Јанкулоска наводно бара помош за сопруга на негов другар за исчезнување на кривична пријава против неа за сообраќајна несреќа; разговор на Јанкуловска којашто наводно бара од Сашо Мијалков помош, токму нејзиното Министерство на Врховниот суд намерно да загуби спор против еден од бранителите, член на здружението „Достоинство“, којшто помагал на МВР и на партијата на власт при уништувањето на здружението одвнатре; и разговор на министерот за финансии Зоран Ставрески, којшто наводно бара услуга од Јанкулоска за казнување – „загорчување на животот“ на еден подреден којшто веднаш не ја извршил неговата наредба.

Откако Заев изјави дека Груевски се однесува „како давеник што се фаќа за сламка“, реагираше и партијата на премиерот. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев „ѝ наштетува на државата за да си ги покрие криминалите“.

„Дополнително, Зоран Заев е оптоварен со истражните постапки што се водат против него за криминално и незаконско однесување па продолжува да одработува за туѓите интереси и се надева дека од ова каша во која сам влезе со противзаконски дејства, некој друг ќе го спасува. Покрај тоа, Заев мисли дека тоа што тој самиот е во каша е оправдувавање да ги вовлече сите други со себе, целата своја партија, па и целата држава, стои во реакцијата на партијата на власт.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека кога СДСМ бил на власт биле избрани “617 судии и уште стотина јавни обвинители’, и дека биле „бирани заради тоа што беа сопруги, деца, кумови, родители, бизнис партнери и партиски членови на СДСМ. Истите тие судии од СДСМ го водеа процесот на приватизации и стечаи на стотици фирми при што 200.000 луѓе останаа без своите работни места. Креираните снимки на Зоран Заев никако нема да го покријат она што сите граѓани го знаат и го паметат“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG