Линкови за пристапност

Дискусија: „Ризикот од војна - секојдневното живеење во Република Македонија“

  • Гоце Јаневски

Професорката по антропологија од Василики Неофотистос од Њујоршкиот државен универзитет во Бафало ја анализира општествената кохезија во земјата.

Во центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон, професорката по антропологија Василики Неофотистос од Њујоршкиот државен универзитет во Бафало ја претстави нејзината книга „Ризикот од војна - секојдневното живеење во Република Македонија“, издадена пролетва.

Неофотистос тврди дека секојдневната општествена интеракција меѓу Македонците и Албанците била причината судирот во 2001-ва да не се прошири. На вчерашната дискусија во Центарот Вилсон, пак, таа кажа дека во посткофликтна Македонија етничко-верските разлики се понагласени, земјата изгледа поразлична, и дека затоа е тешко да се предвиди каква улога ќе има новата реалност во општествената кохезија.

За Охридскиот рамковен договор, Неофотистос мисли дека е контроверзен во македонското општество, бидејќи помеѓу Македонците предизвикал претстава дека со промената на Уставот загубиле многу, а кај Албанците дека требало да биде спроведен уште одамна.

„Но, договорот посекако ги консолидираше етничките разлики на начин што не постоеше пред 2001-та, често на сметка на помалите заедници кои живеат во Македонија. Голем акцент е ставен на Македонците и Албанците, но не толку многу и на другите заедници кои живеат во земјата, како турската, српската, бошњачката, ромската“, коментира Неофотистос.

Згора на тоа, смета професорката по антропологија, многу Македонци се скептични дека меѓународната заедница е неутрална, затоа што албанските лидери ефикасно го користеа дискурсот на човековите права за да привлечат меѓународно внимание.

За Неофотистос, се` уште нерешеното прашање за името е извор на неизвесност, статусот на земјата останува нерешен и создава напнатост меѓу Македонците и Албанците, поттикнувајќи меѓуетничко ривалство. Албанците велат дека сакаат да се дел од ЕУ, без разлика како се нарекува земјата, а Македонците се понепопустливи кога е во прашање името, вели таа: „Фактот дека постои економска криза во Грција е важен момент. Дали владата би била заинтересирана да го реши спорот сега е друго прашање и надвор од доменот на моето истражување“.

Василики Неофотистос има докторат по антропологија од Универзитетот Харвард и покрај книгата, автор е на повеќе написи за етничката припадност, национализмот и мултикултурализмот на Балканот.
XS
SM
MD
LG