Линкови за пристапност

„Зошто храната функционира“

  • Јулија Велковска

Компанијата на нутриционистката Сара Вејбрајт организира забави за здравата исхрана.

Сара Вејбрајт не е од оние на кои храната им служи само за да ја задоволат гладта. За неа е важно и што таа содржи и како се подготвува. Идејата за воедно вкусна и здрава храна ја позајмила од козметичката линија Мери Кеј, чии претставници одат од дом во дом и ги презентираат производите. Компанијата ја основала минатата година.

Вејбрајт става акцент на свежи, органски производи од локални фарми, но и на минумум техники за нивно готвење. И сето тоа - во добро друштво.

„Повикувате пријатели на вечера, сите се чувствуваат пријатно, а јас се грижам за менито и за демонстрирање на начините на готвење. Потоа разговараме за она што е на масата. Многумина бараат консултација, одговарам на секое прашање поврзано со нивното здравје“, подвлекува Вејбрајт.

Концептот е дека покрај масата, разговорот секогаш лесно почнува.

„Неформално е, лесно пристапно, луѓето уживаат во флексибилноста, а можат да научат многу. Забавно, а истовремено - едукативно“, коментира нутриционистката.

Американското медицинско здружение минатиот месец и официјално ја прогласи дебелината како болест.

Сара Вејбрајт ја поздравува иницијативата на првата дама на САД, Мишел Обама, „Ајде да се движиме“, во чии рамки децата од мали нозе се едуцираат за бенефициите на правилниот избор на храната.

Без разлика на медиумските реклами и сето она што се нуди на пазарот, на крајот на краиштата, луѓето самите избираат што јадат.

„Цврсто верувам дека на луѓето треба да им се дозволи да изберат. Ако сакаат да изберат нездрава храна, можат. Ова е Америка. Одговорноста е на оние како мене, кои се во ситуација да ги понудат потребните информации на оваа тема. Патем, прехрамбената индустрија може само да ни помогне, да креира поквалитетни производи. Останува да се надеваме дека ќе најдеме златна средина – пристапен и безбеден продукт, здрав и вкусен во исто време“, вели Вејбрајт.

Забавите чинат 60 долари по гостин, а по секој 10-ти ваков настан, Вејбрајт следниот го организира и донира за хуманитарни цели.
XS
SM
MD
LG