Линкови за пристапност

Немањето пристап до третман за хепатитис убива илјадници лица


Според СЗО, во 2015-та повеќе од 1,3 милиони лица починале како резултат на инфекцијата со хепатитис „Б“ и „Ц“

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека милиони животи можат да бидат спасени, ако лицата инфицирани со вирусен хепатит се навремено тестирани и лекувани од овие потенцијално смртоносни болести.

Новите податоци објавени во извештајот „Хепатитис 2017“ покажуваат дека околу 325 милиони лица во светот живеат со хроничен хепатитис „Б“ или со инфекција од хепатитис „Ц“.

СЗО соопшти дека илјадници лица заразени со овие болести умираат затоа што немаат пристап до тестирање и третман. Агенцијата истакна дека повеќето од нив не се тестирани, дури и не знаат дека се инфицирани.

Како резултат на тоа, велат од СЗО, тие и понатаму не се лекуваат и се во опасност од „бавна прогресија на хронична болест на црниот дроб, рак и смрт“.

Вирусот на хепатитис „Б“ на луѓето се пренесува преку контакт со крв или други телесни течности. Хепатитот „Ц“ се пренесува преку директен контакт со заразена крв.

Последните проценки покажуваат дека во 2015-та година вирусниот хепатитис предизвикал 1,34 милиони смртни случаи и дека околу 1,75 милиони луѓе биле инфицирани со хепатит „Ц“, со што вкупниот број на луѓе кои живеат со оваа болест на глобално ниво достигнал до 71 милиони.

Готфрид Хирнсчал, директор на Одделот за ХИВ/глобална програма за хепатитис во СЗО, вели дека бројот на смртни случаи од вирусен хепатитис е сличен на оној на туберкулоза. Сепак, тој истакна дека смртноста од хепатитисот е значително поголема од оној од маларијата.

СЗО проценува дека во 2015-та година 257 милиони луѓе во светот живееле со хроничен хепатитис „Б“. Сепак, Хирнсчал истакна дека новите инфекции се намалуваат драстично благодарение на зголеменото вакцинирање со ХПВ кај децата.

Хепатитисот „Б“ главно се пренесува во првите години од животот, од мајка на дете, и најчесто е присутен во Западниот пацифички регион и Африка.

Иако постои безбедна и ефикасна вакцина од 1982-та година наваму, некои земји се бавни во спроведувањето на вакцинацијата. Но, Ана Марија Рестрепо, која предводи тим лекари во Одделот за имунизација и вакцинација, забележува дека тоа се менува.

Таа вели дека 95 проценти или 185 земји во рутинските програми за имунизација користат вакцини против хепатитис „Б“.

Употребата на небезбедни инјекции во здравствените установи и интравенозно користење на дрога се најчестите начини на пренос на хепатит „Ц“. Проблемот е најраспространет во источниот Медитеран и Европа.

Иако со користење на чисти игли и шприцеви ќе се спречи пренесување на болеста, Готфрид Хирнсчал вели дека постои многу ефикасен лек кој може да излечи хепатитис „Ц“, за релативно кратко време.

„Лицето треба да земе една таблета или по една таблета секојдневно за период од два до три месеци и поголемиот дел од лицата ќе бидат излечени“.

Тој вели дека малку лица ги користат овие третмани за подолг период, заради високата цена од 84.000 долари.

„Беше скапо од почетокот. Цената се` уште е многу висока во многу земји, особено во земјите со високи приходи“, вели тој.

„Но, како што посочува извештајот, цената на овие третмани падна значително. За еден третман цената е помалку од 200 долари, што е зачудувачки“.

Хирнсчал вели дека новите можности на лекување на хепатитис „Ц“ и можностите за елиминирање на хепатитис „Б“ преку вакцинација, создале позитивен моментум и поголемо внимание на јавноста за оваа „тивка епидемија“.

„Импулсот јасно е поттикнат од возбудата околу некои од новите можности кои сега ги имаме,“ истакна Хирнсчал.

(Лиса Шлајн)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG