Линкови за пристапност

Влијанието на владата врз исхраната на Американците

  • Гоце Јаневски

Aлис Кампс од Националниот архив на САД, која ја подготви изложбата „Што готви чичко Сем“, вели дека не треба да се потценува владината улога во начинот на кој се храниме. Освен тоа што владата се грижи за безбедноста на храната и стандардите на производството, таа индиректно влијае и на изборот на она што ние го изнесуваме на маса.

Владата одамна влегла во овој домен на нашето живеење, вели Кампс. Истражувањето при подготовка на изложбата ја довело до Вилбур Олин Атвотер, владин службеник кој директно придонел до правењето на првиот нутриционистички прирачник, во 1890-те.

„Претходно малку се знаело за нутриционизмот. Тој ги воспоставил вредностите на храната и го вовел концептот за калории. По неговото истражување владата сакала да ги сподели сознанијата и така бил направен првиот нутриционистички водич“, вели таа.

Но колкаво, фактички, е влијанието на владатa врз начинот на исхрана – тешко е да се каже, вели Кампс. За време на Втората светска војна, напорите на владата да ја подобри исхраната на граѓаните, а посебно на армиските регрути, не донеле резултати. Но, друга иницијатива, позната како програма ”Виктори гарденс” спроведена исто така за време на Втората светска војна, се покажала многу успешна. Со таа програма се промовирало одгледување сопствен зеленчук и овошје, за сметка на намалување на користењето на конзервирана храна.

Кампс признава дека моќта на владата во овој домен е ограничена. Таа може само да ги информира граѓаните, а самите тие решаваат што од тоа ќе прифатат. Прашањето за здрава исхрана не е ново, вели Кампс:

„Пред 100-тина години Вилбур Олин Атвотер рекол дека Американците јаделе премногу маснотии и шеќери, и не биле доволно физички активни. Ако погледнете денес, ќе видите дека нема голем напредок.“

Истражувањето Алис Кампс ја довело до заклучокот дека борбата против навиките, апетитот и културата е тешка. За да се успее, потребен е повеќе од владин напор, вели таа.
XS
SM
MD
LG