Линкови за пристапност

Згаснати соништа на македонските пруги

  • Соња Трајковска

Желбата да стигнат до Западна Европа напати завршува кобно за емигрантите од Сирија, Авганистан...

Соништата за Западна Европа, за еден Сириец и четворица Авганистанци деновиве завршија на македонските пруги. За само две недели, тие беа прегазени од возовите кои сообраќаат на пругата Скопје - Гевгелија, кај Велес и Неготино. Најмладата жртва е бебе старо само 45 дена.

„Во последните денови зачестени се таквите случаи. Единствено нешто што можеме да направиме е со координирани акции на сите надлежни колку што можеме да го спречиме движењето по пругите“, вели Оливер Дерковски, директор на „Македонски железници - Транспорт“.

За социолозите, пругите се и пријател, и непријател на емигрантите. Како и течението на реките, тие се ориентација за патот до саканата дестинација. Гладни и изморени, бегалците од Африка и Азија минуваат илјадници километри и многу граници, главно пеш, без лични документи и со малку пари. Рутата што илјадници од нив секојдневно ја минуваат, според невладините организации што се занимаваат со овој проблем и ООН, е од Сирија, Пакистан, Нигерија, Авганистан, до Истанбул, што се смета за влезна порта за нивното патување низ Балканот, преку Грција, Македонија и Србија, како транзитни земји, до западноевропските држави. А токму пругите се најчестите места каде згаснуваат нивните соништа.

Машиновозачите се секојдневни сведоци на групи од по 10- 20 мигранти, стуткани во јакни и со качулки, како се движат на ризична оддалеченост од самата пруга и во тунелите.

„Не е дозволено движење на пругата и покрај пругата, во радиус од 25 метри. Откако зачестија ваквите несреќи, ние ја намаливме брзината со која се движат возовите. Но и тоа не е доволно, бидејќи за да застане возот, потребни му се најмалку 1.200 метри. Јасно е дека некој ги лаже луѓето да одат по пругите“, вели Дерковски.

Дека желбата за подобар живот е посилна од стравот за сопствениот живот, покажуваат и случаите кога некои од емигрантите се обидуваат да се качат на возовите додека се во движење и под напон, доведувајќи се во опасност или да починат од струен удар, или да бидат прегазени.

Неодамна, во Гевгелија, полицијата откри 50 мигранти скриени во вагон со руда, вкопани во јагленот. Во друг случај, откриени се 40- мина во импровизирани лежалки направени од врати во патнички купеа, поставени под вагонот од една до друга греда на шасијата. Оние кои имаат малку повеќе пари, пак, според полицијата, стануваат жртви на криминалци коишто заработуваат на нивната мака. Речиси секојдневно, полицијата открива случаи на криумчарење емигранти, главно од Сирија и Авганистан, коишто за суми од 20 - 25 евра од ден, или за неколку илјади евра, влегуваат во нивната шверцерска мрежа.

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека во првите шест месеци од годинава, бројот на криумчарени емигранти е речиси ист како минатата година, но различен по состав – годинава се откриени трипати повеќе Сиријци и двапати повеќе Авганистанци, коишто биле шверцувани низ Македонија на пат кон Западна Европа.

„Главно се работи за илегални мигранти, кои Македонија ја користат како транзитна рута кон западноевропските земји. Најголем дел влегува преку јужната рута, односно од соседна Грција, иако последниов период имаше обиди да се воспостави и рута од Бугарија“, вели портпаролот на МВР Иво Kотевски.

Изминатите неколку месеци, според дневните полициски билтени, во Македонија се откриени над 200 мигранти. Некои се вратени назад во Грција, стотина се сместени во Прифатниот центар за странци во Скопје, а само мал дел побарале азил во земјавата. Според МВР, со овој статус државата годишно згрижува околу илјада мажи, жени и цели фамилии со деца. Но многу често, некои од нив азилот го користат само за да го легализираат престојот во Македонија и да добијат привремена заштита, а во меѓувреме ја користат секоја можност за да го продолжат патот кон ЕУ. До 2013, половина од 830 баратели на азил биле Авганситанци, но по разгорување на воениот конфликт, се` поголем број се од Сирија.

XS
SM
MD
LG