Линкови за пристапност

Електронски фластер следи мускулни нарушувања


Тестирањето е во тек, а научниците најавуваат и други модели, за различни здравствени проблеми.

Наскоро, на пазарот би можела да се најде електронска направа што се лепи за телото како фластер и што ја следи здравствената состојба. Првата генерација ќе ги следи само мускулните нарушувања, но научниците најавуваат и други модели, специјализирани за различни здравствени проблеми.

Направата, на која работат инженери од Јужна Кореја, беше претставена во најновото издание на „Нејч`р нанотехнолоџи“. Фластерот содржи нано-мрежа на сензори и се носи на подлактицата. Тој ги собира и складира физиолошките податоци во период до една недела. По потреба, може да се активираат лекарствата, нанесени на површината на фластерот.

Научниците планираат да го користат фластерот првично за следење и третман на лицата што патат од Паркинсоновата болест и епилепсијата.

„Забележувајќи абнормалани движења на мускулите на пациентот, можеме да ги анализираме податоците во меморијата, а со тоа и состојбата на пациентот“, вели Дае-Хунг Ким, професор по биолошки и хемиски инженеринг на Националниот универзитет во Сеул. „Зависно од состојбата на пациентот, може да ја контролираме количината на лекот што би била дадена“.

Ова не е прва направа за следење на здравствената состојба што дава точни информации, но Ким вели дека досегашните се преголеми за да се носат со себе. Фластерот со сензори е толку тенок, што речиси и да не се забележува на кожата.

Ким предвидува дека наредните модели ќе бидат така направени што ќе даваат информации и за внатрешните органи, вклучувајќи го срцето и мозокот. Исто така, би го контролирале нивото на шеќер во крвта, и, по потреба, автоматски би внесувале инсулин.

Првиот експериментален монитор, дизајниран да ги следи мускулните движења, веќе беше успешно тестиран на животни. Ким со соработниците сега работи на можноста од безжично пренесување на податоците до паметните телефони или пак до матичната болница на пациентот. Сепак, за да го остварат тоа, Ким наведува дека треба да решат редица инженерски проблеми, како и да се регулира давањето на лекарства - преку фластер.
XS
SM
MD
LG