Линкови за пристапност

Американците се` пофрустрирани од политичарите


Поларизацијата и нефункционалноста на Вашингтон достигнала ново дно, сметаат анкетираните граѓани

Цифрите се лоши. Во последното истражување на јавно мислење, изведено од Вол стрит џурнал и НБЦ Њуз, Конгресот има рејтинг на неодобрување на неговата работа од 83 проценти, што е највисок негативен рејтинг на сите времиња.

Рејтингот на претседателот Обама е 45 проценти, а тоа е исто колку што беше на Џорџ В. Буш во слична точка од неговото претседателствување.

Само 29 проценти ја гледаат земјата на вистинска патека во овој момент, што е помалку од 41 процент колку што беше со исто истражување на крајот на минатата година.

Неколку други национални истражувања донесоа слични негативни резултати, и експертите велат дека сето ова има последици по претседателот и членовите на Конгресот од двете големи политички партии.

Чарли Кук е политички аналитичар во Националниот журнал. Тој вели дека слабите цифри за претседателот може да се одразат лошо на демократите во изборите за Конгресот на половина на мандат на претседателот, следната година:

„Го гледате рејтингот на претседателот заради изборите на половина на мандатот кои типично стануваат, до некоја мерка, продолжение на референдумот за актуелниот претседател и тој опаѓа од средината на јануари за околу еден поен секои три или четири недели“.

И покрај знаци за растење на економијата, многу Американци се` уште имаат негативен став во целина, особено кога станува збор за работни места и ивниот иден животен стандард.

Претседателот Обама започна турнеја на говори за да ги рефокусира економските прашања и не се воздржуваше од лоцирање на вината за политичкиот застој во Вашингтон кај републиканците.

„Губење на времето за добивање на безначајни 40 гласови за поништување на законот за здравствена заштита не е план за работни места“, кажа Обама.

Но републиканците, вклучувајќи го и спикерот на Претставничкиот дом Џон Бенер, истото тоа го прават, од другата страна.

„Ние не правиме само врева овде. Претставничкиот дом продолжува да презема акција“, рече тој.

Стив Бел од Двопартискиот центар за политика вели дека претседателите имаат тешка работа обидувајќи се да ја променат перцепцијата за насоката во која се движи државата:

„Мислам дека тој сфаќа оти американскиот народ е малку уплашен и малку не му се верува. Со маргина од околу два спрема еден Американците мислат дека државата оди во погрешна насока и дека излегла од колосек“.

Претседателот може да е долу во анкетите, но републиканците стојат уште полошо во моментов, вели аналитичарот Чарли Кук.

„За републиканците да го искористат паѓањето на цифрите на демократите, потребно е тие да ги кренат своите, но тоа не се случи“.

Колку и да е лоша јавната перцепција во моментов, може да стане уште полошо кога Конгресот ќе се врати на работа во септември. Законодавците се силно поделени за финансирањето на владата, за имиграционата реформа и во процес на дефинансирање на законот за здравствена заштита на претседателот.
XS
SM
MD
LG