Линкови за пристапност

Врховниот суд на Аризона врати забрана за абортус од 19. век


Судот одлучи дека сојузната држава може да го спроведе законот од 1864 година, кој не предвидува исклучоци за силување или инцест, но дозволува абортуси доколку животот на мајката е во опасност
Судот одлучи дека сојузната држава може да го спроведе законот од 1864 година, кој не предвидува исклучоци за силување или инцест, но дозволува абортуси доколку животот на мајката е во опасност

Врховниот суд на Аризона денес пресуди дека сојузната држава може да го спроведе својот долгогодишен закон со кој се криминализираат сите абортуси, освен кога е загрозен животот на мајката.

Случајот испитуваше дали државата сè уште се води според закон кој постои уште пред Аризона да стане сојузна држава.

Законот од 1864 година не предвидува исклучоци за силување или инцест, но дозволува абортуси доколку животот на мајката е во опасност.

Пресудата на највисокиот суд на сојузната држава ја разгледа одлуката на Апелациониот суд од 2022 година, според која лекарите не може да бидат обвинети за спроведување на постапката во првите 15 недели од бременоста.

Постара судска одлука го блокираше спроведувањето на законот од 1864 година, набргу откако Врховниот суд на САД ја донесе одлуката „Роу против Вејд“ од 1973 година со која се гарантираше уставното право на абортус.

По одлуката на Врховниот суд на САД во 2022 година со која се стави крај на правото на абортус на национално ниво, повеќето држави, под контрола на републиканците, почнаа да спроведуваат нови забрани или ограничувања, а повеќето во кои доминираат демократите се обидоа да го заштитат пристапот до абортус.

Во моментов, 14 сојузни држави спроведуваат забрани за абортус во сите фази од бременоста, со ограничени исклучоци.

Две сојузни држави ја забрануваат процедурата откако ќе се открие срцева активност, што е околу шест недели од бременоста и често пред жените да сфатат дека се бремени.

Скоро секоја забрана е оспорена со тужба.

Судиите рекоа дека Аризона може да започне со спроведување на законот за 14 дена.

Поранешниот гувернер на Аризона Даг Дуси, кој го потпиша актуелниот закон на државата за ограничување на абортусот по 15 недели, објави на X велејќи дека пресудата денес не е исходот што тој би го сакал.

„Го потпишав 15-неделниот закон како гувернер бидејќи тоа е промислена политика и пристап кон ова многу чувствително прашање за кое жителите на Аризона всушност можат да се согласат“, рече тој.

Претседателот Џо Бајден го нарече законот од Аризона од 1864 година суров.

„Милиони жители на Аризона наскоро ќе живеат под уште поекстремна и поопасна забрана за абортус, која не ги штити жените дури и кога нивното здравје е загрозено или во трагични случаи на силување или инцест“, рече тој во соопштението.

„Потпретседателката Харис и јас стоиме со огромното мнозинство Американци кои го поддржуваат правото на избор на жената. Ќе продолжиме да се бориме за заштита на репродуктивните права и ќе го повикаме Конгресот да донесе закон за враќање на заштитата на Роу против Вејд“.

Поврзано

XS
SM
MD
LG