Линкови за пристапност

Американски грант од 100.000 долари за обнова на манастир од 17-ти век

  • Синиша Станковиќ

Со американска финанскиска помош, зачуван е уште еден дел од уникатната историја на Македонија

„Културните локалитети не` потсетуваат на придонесите и историските искуства на нашите претци. САД сакаат да покажуваат почит кон другите култури и еден начин да се направи тоа е да се преземе водечка улога во напорите за заштита на културното наследство“, изјавил амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, по завршувањето на проектот за реставрација на стариот конак во манастирскиот комплекс „Свети архангели Михаил и Гаврил“ во селото Кучевиште на Скопска Црна Гора.

Конакот-чардак од 17 век го реставрираше Конзерваторскиот центар од Скопје, со финансиска поддршка од амбасадата на САД и од Министерството за култура, а на свеченоста по повод предавањето на возобновениот конак, амбасадорот Волерс во манастирот потенцирал дека (како и за минатите проекти во Македонија, реализирани со средства од Амбасадорскиот фонд за културна заштита, со кој се обезбедува поддршка за заштитата на културни локалитети и објекти во повеќе од 100 земји низ светот) и со конкретниот реставраторски проект, за кој САД обезбедија 98.912 долари „е зачувана уникатната и извонредна историја на Македонија“.

Според амбасадорот Волерс, во манастирскиот комплекс кој е значаен примерок на традиционалната македонска архитектура, „целосно е реновиран конакот од под до покрив, при што точно е запазен оригиналниот дизајн за да им се овозможи на идните посетители да се вратат назад во времето и да видат како изгледал конакот во 17-ти век“.

И архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан потенцирал дека „ретко некој предел во Македонија изобилува со толку убавини, светињи, богата природа, културно-уметничко наследство како пределите околу Скопје. Неслучајно Скопска Гора се нарекува и втора Света Гора“. Поглаварот г.г. Стефан, според МИА, се заблагодарил за американската помош и добра волја и за заложбите на Министерството за култура и на Градскиот конзерваторски центар: „Од името на Македонската православна црква и Скопската епархија, особено од името на мајка Марија и на сите претходни жители на манастирот, да ви заблагодарам на сите кои на свој начин помогнавте да се зачува делото во кое генерациите пред нас вградиле и многу вера, и многу љубов, и многу надеж, и за себе и за генерациите по нив, а се за слава на бога и на неговите светињи“.

И според заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, „реализацијата на овој проект е потврда дека со заедничка грижа за културното наследство можеме да обезбедиме долговечност за спомениците на македонската архитектура. Промоцијата на реконструираниот конак ја потврдува добрата соработка и партнерството меѓу Република Македонија и САД, како и заедничките заложби за вистински приод кон заштитата на културното наследство и негова презентација и афирмација“.

Реставрацијата на конакот траела повеќе од една година, под надзор на Конзерваторскиот центар од Скопје, директорката Ема Петрова и проектантот Константин Димитровски, а според медиумските извештаи, во изминатите 12 години, ова е единаесетти споменик на културата, обновен со средства од американскиот фонд, кој досега донирал повеќе од милион долари.
XS
SM
MD
LG