Линкови за пристапност

По повод 22 март - Светскиот ден на водата, ОН ја истакнуваат клучната улога на водата во безбедноста на храната. Побарувачката за вода се зголемува заедно со зголемувањето на бројноста на населението, особено кога се зголемува и побарувачката за храна.

Кога станува збор за побарувачката на вода во светски рамки, нејзиното конзумирање е само почеток, вели Пасквал Стедуто, раководител на програмите за вода во рамки на Организацијата за храна и земјоделие на ОН.

„За производство на храната, конкретно за потребите на земјоделието, потребно е најголемо количество на вода“, вели овој експерт .

Седумдесет проценти од водата потребна за земјоделието ширум светот, се црпи од реки и вештачки езера.

Додека само еден човек пие околу два до три литри вода дневно, потребни се речиси 200 литри за да се произведе дневната доза на пченка што тој човек би ја употребил. За производство на леб се потребни 270 литри. За ориз, 420 литри. За месо, уште повеќе. За свинско, за еден оброк, проценето е дека се потребни 930 литри, за јагнешко, 1.400 литри, а за говедското, верувале или не, потребни се 2.400 литри вода.

Побарувачката на вода логично расте со зголемувањето на побарувачката на храна, додава Стедуто.

„Очекуваме светската популација да се зголеми за дополнителни две милијарди луѓе за наредните 40 години. Веќе се соочуваме со услови на недостиг на вода“, изјави Пасквал Стедуто.

Се јавува недостиг на вода во одредени области бидејќи земјоделците ја испумпуваат побрзо откако може да се обнови, вели ракводителот на програмата за вода при американскиот Стејт департмент, Арон Салзберг.

„Ако ја земете Индија, на пример, особено во северозападниот дел, искористувањето на водата е големо прашање и тоа се очекува да почне да игра улога во производството на храна на оваа земја и да ги задоволи нејзините внатрешни потреби“, вели Салзберг.

Прекумерното исцрпување на водата за наводнување е исто така важно прашање во поголемите земјоделски региони главно во Кина и САД.

Од друга страна, поголемиот дел на суб-сахарска Африка го има обратнот проблем, нема доволно вода за наводнување. Повеќето африкански земјоделци зависат од временските услови.

Производство на повеќе храна за повеќе луѓе со помалку вода на располагање во наредните години, ќе биде предизвик.

Но, постојат решенија. Некои од нив се обезбедување пумпи кои не се од категоријата високо-технолошки направи за земјоделците кои наводнуваат. Примена на политиката на економично наводнување и јадење помалку месо во земјите каде тоа и онака премногу се конзумира.

Но, за промените, ќе биде потребно и време, а експертите ги повикуваат владите во засегнатите земји да донесат соодветни одлуки што е можно поскоро.

XS
SM
MD
LG