Линкови за пристапност

Македонци во Вашингтон изразија загриженост за состојбата во земјата


Пред Белата куќа, неколкумина Македонци преку „Индивидуална граѓанска иницијатива“ побараа одговорност за решавање на кризата во Македонија

„Како македонски граѓани имаме право и обврска да побараме од политичките лидери и надлежните институции да ги преземат законските утврдени чекори за надминување на кризата“, порачаа Македонците од Вашингтон. Тие побараа одговорност за, како што велат, „незаконски дејствија и проактивност на државните институции во испитување на истите“.

„Не претставуваме никого. Никаква институција, партија. Многу сме загрижени за ситуацијата во Македонија. За комплетниот колапс на правниот систем што го гледаме“, ни рече една учесничка на собирот.

„Тоа што ме поттикна се снимките што ги гледаме на ТВ што се случува по плоштадите, храброста на младите да се спротивстват и да бараат слoбода, да бараат одговорност и да бараат правна држава од една страна и загрижува тоталното отсуство на одговорност во општеството“, додаде друг учесник.

„Се собравме да го изразиме нашиот револт и протест за тековни случувања и нарушувањето на основните човекови права“, ни кажа друг учесник.

Другите се на иста линија:

„Ние сме овде да му изразиме поддршка на нашиот народ. Да видиме дали може да се врати мирот, да се смират страстите и да се врати правната држава“

„За истото тоа што го бараат тие што се денес на улица, се залагаме и ние – мирен протест и мирно решение, а не ескалација и конфликт“.

Обединетата македонска дијаспора, со седиште во Вашингтон, издаде соопштение во кое се вели дека е загрижена за политичката криза во Македонија „и ги повикува сите лидери да покажат државничко однесување и одговорност за иднината на земјата“.

ОМД вели дека продолжува да го следи развојот на настаните, и изрази „разочараност за уништувањето на меѓународната репутација и имиџот на земјата на дневна основа“. ОМД го повика „претседателот на државата, како институција, да преземе улога на посредник меѓу спротивставените страни за да се најде решение за излез од кризата“.

XS
SM
MD
LG