Линкови за пристапност

САД со рекордно екстремно време за 2011


САД со рекордно екстремно време за 2011

САД со рекордно екстремно време за 2011

Експертите очекуваат екстремното време да биде нормална појава.

Екстремното време во САД донесе пустош. За Бил Винг се` започнало пред 12 месеци на Нова Година, кога доживеал торнадо што го погоди Синсинати, сојузната држава Арканзас.

„Се слушаше како да минува воз. Иако не бевме директно на патеката, можевме да го чувствуваме движењето и тресењето на ветрот. За нас ова беше повеќе од земјотрес“, вели Винг.

Тоа беше едно од 1.600-те торнада што ја погодија земјата во 2011-ва година. Од само 12 природни катастрофи беше причинета економска штета од преку една милијарда долари, што е нов рекорд, вели Крис Вакаро, портпарол на Националната метеролошка служба.

„Бевме сведоци на историски природни настани во речиси секоја временска категорија - снег, урагани, поплави и суши, сите рангирани високо на листата на досега регистрирани катастрофи“, вели Вакаро.

Најскапата природна катастрофа за годинава што изминува, според Дејвид Браун од Националната администрација за океански и атмосферски промени, беше едногодишната суша што продолжува да владее во одредени сојузни држави на југот на САД.

„Станува збор за 6 до 8 милијарди долари во земјоделски загуби, главно заради пожари во места како Тексас, Ново Мексико и Оклахома. Доколку сушата продолжи наредните неколку месеци, како што се очекува, штетата само ќе расте“, вели Браун.

Крис Вакаро додава дека неколку фактори може да се причинители за ваквите случувања. Тој вели дека освен зголемената бројност на населението и инфраструктурата, големите циклични временски случувања, беа главни настани за 2011-та.

„Прво дојде Ла Ниња на источниот дел на Пацификот што ги промени стандардните временски услови. Потоа актуелен модел беше артичката осцилација, голем фактор во зимските и пролетни месеци, при што студеното време конкретно во САД предизвика снежни бури и торнада“, вели Вакаро.

Вакаро вели дека иако не постојат докази дека постои поврзаност на глобалното затоплување со специфичните локални временски настани, екстремните временски промени оваа година се совпаѓаат со проценките на експертите – дека ќе бидат присутни уште долго време.

Научниците велат дека повисоките температури обезбедуваат повеќе енергија и вода во атмосферата и последователно предизвикуваат поинтензивни суши, врнежи и невреме.

Експертите предупредуваат дека ситуацијата ќе се влоши со порастот на глобалните температури, препорачувајќи поголема контрола на испуштањето на штетните издувни гасови и олеснување на нивното влијание.

Сепак, Националната метеоролошка служба вели дека екстремното време ќе биде „ново нормално“, заради што презема чекори за изградба на „подготвена нација за секакви временски услови“ што ќе рече – градење мрежа на партнери во јавниот и приватен сектор за работа заедно во вонредни ситуации.

XS
SM
MD
LG