Линкови за пристапност

Вербална војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

  • Борјан Јовановски

Вербална војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Вербална војна меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Кој е виновен за меѓуетничките тензии?

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја продолжуваат вербалната војна по прашањето - кој ги поттикнува меѓуетничките инциденти? Денeска ново продолжение на жолчната расправа што започна пред неколку дена, кога портпаролот на владејачката ДУИ, Артан Груби, во ТВ-емисија го обвини СДСМ дека тајно барал соработка со ДУИ во предизвикување на инциденти.

По изјавата на Груби, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвини опозициониот СДСМ дека е вмешан во инсценирање на меѓуетнички тензии за да заработи политички поени. За возврат, социјалдемократите го прозваа Никола Груевски, како премиер, да каже кој стои зад последните инциденти во Струга што доведоа до меѓуетничка напнатост.

Бараме Груевски да ги објави имињата на опозиционерите кои според него предизвикувале меѓуетнички тензии - повика потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев, кој учествуваше во ТВ-емисијата во која неговата партија беше прозвана од портпаролот на ДУИ дека барала соработка за предизвикување на инциденти.

Од ВМРО ДПМНЕ, на барањето на Георгиев вчера одговорија - сериозен политичар за ваков нималку наивен скандал прво расчистува кај себе, во СДСМ, онаму каде и што се посочени прашањата.

„Гордан Георгиев пред секое следно прозивање на ВМРО-ДПМНЕ треба да се заврти околу себе и прво да постави прашање до своите партиски шефови - кои се луѓето од СДСМ кои нарачувале меѓуетнички тензии? Гордан Георгиев не одговори ништо во емисијата кога беа упатени директните прозивки до СДСМ за нивна вмешаност во креирањето на меѓуетнички тензии. Остана затекнат и закопан. Не знаеше што да одговори. Да беше сигурен во себе и во чесноста на СДСМ, веруваме дека немаше да ја пропушти шансата да демантира, ниту пак ќе дозволеше јавноста да дознае директно и недвосмислено дека СДСМ иницирал, потпомагал и креирал меѓуетнички тензии“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

По изјавата на Димовски, СДСМ повторно реагираше со прес-конференција.

„Поминаа првите 24 часа, а Никола Груевски сè уште не соопшти кои се тие поединци во опозицијата кои според него предизвикувале инциденти. Наместо одговор, како што му личи на одговорен политичар, тој го пушти својот портпарол, кој вчера дополнително го заплетка својот шеф. Тој јавно на мојата партија и на мене лично, ми порача да не сум се секирал и дека непотребно сум го прашувал Груевски, бидејќи МВР ги барала поединците кои ги предизвикувале инцидентите. Какво катастрофално признание!

Значи, Никола Груевски јавно обвинува, посочува со прст, а Гордана Јанкуловска и МВР се` уште ги бараат сторителите! Груевски те тужи, Груевски те суди“, изјави денес Георгиев.

Потоа реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

“Гордан, многу ми е жал што твоите сопартијци те доведуваат континуирано во ваква ситуација, да се бламираш пред македонската јавност и овој пат да бидеш соучесник во нивната намера да се заташка нешто, како што е признанието на Артан Груби. Свесното извртување на изјавите на претседателот Груевски и Димовски е доказ дека СДСМ се фатени во тесно како зборуваат невистини и ја замајуваат јавноста. Наместо да се правда и да се вади од калта во која самите се заплеткаа, единствено што Гордан Георгиев треба да направи е да погледне околу себе, да собере храброст и да запраша кои се луѓето од неговата партија што нарачувале меѓуетнички тензии“, изјави портпаролот на партијата Александар Бичиклиски.

Во меѓувреме, од МВР нема информации за тоа кои се виновниците за инцидентите во изминативе десетина дена со осквернавени верски објекти и графити со навредливи содржини.

XS
SM
MD
LG