Линкови за пристапност

Пешевски: инвестиционите споредби треба да се прават по глава на жител


Интервју со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Вицепремиерот Владимир Пешевски, кој деновиве со владина делегација на чело со премиерот Никола Груевски во неколку градови на западниот брег на САД ги промовираше инвестиционите можности на Македонија, во интервјуто за Гласот на Америка на македонски најави дека има заинтереисрани компании, но вели дека вистинските резултати треба да се очекуваат за една до две години. На тврдењата дека Македонија заостанува зад другите балкански земји во инвестициите, Пешевски возвраќа дека споредбите треба да се прават по глава на жител.

Глас на Америка: Какви се очекувањата од промоцијата на еден ваков собир во Лос Анџелес?

Пешевски: Очекувањата се да информираме што поголем круг на инвеститори за можностите на Македонија; да ја раскажеме приказната за Македонија, која трпи големи позитивни промени во последните 5-6 години; да го разбудиме нивниот интерес; да ги зголемиме можностите за нивно инвестирање.

Глас на Америка: Меѓутоа, странските инвеститори се жалат на правна несигурност, на нетранспарентност на тендерите, на моделите на плаќање, неефикасната јавна администрација. Ваш коментар?

Пешевски: Да го погледнат индикаторот на Светската банка за водење бизнис и ќе видат дека во Македонија тие се на еднакво ниво како оние во западните држави на ЕУ, дури би рекол и во две третини од нив - подобри. Се разбира, системот не е совршен, но би рекол дека работиме подобро од поголемиот број држави во Европа.

Глас на Америка: Според спроведените реформи во регионот, Македонија високо котира, не само според Дуинг бизнис, туку и извештаи на други меѓународни финансиски институции. Па сепак, отсуствуваат странските инвестиции, споредено со соседите?

Пешевски: Не би се согласил со тоа. Не треба да се споредуваат апсолутни износи, туку треба да се споредуваат инвестициите по глава на жител. Целта на владата не е да привлекува странски инвестиции, туку да создава поволна клима за сите инвеститори. Инвестиците во Македонија во бруто-износ секоја година како учество во брутодомашниот производ - растат. Дури и во првите шест месеци од оваа година кога имаше криза, тие се за пет проценти поголеми од вкупните бруто-инвестиции од истиот период минатата година.

Глас на Америка: Колку финансиската и економска презадолженост на Грција влијае врз Македонија?

Пешевски: Секако, тоа не е поволно за нас, бидејќи Грција во своите подобри денови беше еден од позначајните трговски партнери на Македонија. Целиот тој призвук на нестабилност во Грција дава призвук на нестабилност во регионот и не влијае поволно за нас. Реално, преголеми директни ефекти или прелевања на кризата во Македонија нема. Тоа влијае на кризата во цела Европа, но драстично нема големо (влијание, н.з.) врз Македонија.
XS
SM
MD
LG