Линкови за пристапност

Нови реакции во случајот Висарис


Документ објавен на страницата на Министерството за здравство на Република Македонија

Документ објавен на страницата на Министерството за здравство на Република Македонија

СДСМ се повика на нов документ според кој Ивона Талевска била доминантен сопственик на фирмата. Министерот за здравство Тодоров, пак, вели - ја одбравме најдобрата понуда

И СДСМ, и министерот за здравство Никола Тодоров денес повторно реагираа во врска со тендерот за набавка на медицинска опрема и апари, на кој победи фирмата Висарис ДООЕЛ, откако најголемата опозициона партија петокот објави документ според кој Министерството за здравство склучило договор со фирмата во која мнозински сопственик е мајката на уредничката во Сител и Вечер, Ивона Талевска, наводно во вредност од 40.000 евра.

СДСМ денеска се повика на нов документ, според кој Ивона Талевска била доминантен сопственик на фирмата. Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов наведува дека се работи за официјален документ од Централниот регистар што потврдува дека доминантен сопственик на ВИСАРИС МКД ДОО Скопје, уште при основањето, не е мајката на Талевска, Лимба, туку самата уредничка. Шилегов наведува и дека девет дена откако бил распишан тендерот од страна на Министерството за здравство, Ивона Талевска се повлекла од фирмата и му ги дала акциите на малцинскиот партнер, Марко Петровиќ.

„Висарис Мкд ДООЕЛ Скопје конкурира на тендерот и за четири месеци го добива милионскиот бизнис од Никола Тодоров. Само шест месеци од добиениот милионски бизнис, во фирмата Висарис Мкд Скопје се враќа Ивона Талевска, преку мајката Лимба Талевска, а самата Ивона Талевска е лице за контакт“, рече Шилегов.

За него, во овој случај не станува збор за неетика, туку за класичен пример за медиумска корупција и го повика премиерот да се изјасни за целиот случај.

Министерот Тодоров денес реагираше на случајот во интервјуто за Канал 5.

„Да сум дал тендер на мој брат, сестра, братучед или татко, веднаш ќе поднесев оставка. Ние влеговме со чисти цели во бизнисот, тендерот беше меѓународен, ја одбравме најдобрата понуда. Ако се утврди дека има најмала повреда во постапката, ќе го поништам тендерот. Секој нека си одговара за своите постапки“, рече Тодоров.

Претходно, Министерството соопшти дека кога е потпишан договорот за медицинска опрема со српската фирма Висарис, како нејзин сопственик единствено се водело името Марко Петровиќ. Министерството на својата Интернет-страница ги објави и документите од тендерската документација.

Претходно, министерот Тодоров коментираше дека тендерот е законски, но дека ситуацијата е малку неетична. Тој даде ваква оценка откако опозицискиот СДСМ го повика да се изјасни за случајот: „Постапката е спроведена целосно законски и согласно сите позитивни законски норми. Не се согласувам со промените кои се настанати по склучувањето на договорот. Разочаран сум затоа што од еден многу добар проект, од еден тендер кој резултираше со склучување на договор, кој требаше да донесе дигитални апарати во јавните здравствени установи и да се оневозможи една пракса на постојано купување на скапи филмови, еден бизнис на практично исцедување на средства од ЈЗУ. Настана ситуација која би ја окарактеризирал како малку неетична, иако е целосно во согласност со законот“.

„Првичината понудена цена од една позната компанија била околу 100 милиони денари. Наддавањето е почнато од понудена цена од 73 милиони денари и завршило на 53 милиони денари. Има намалување од 20 милиони денари на цената“, оцени министерот.

На обвинувањата од СДСМ немаше конкретна реакција од Талевска, ниту пак од нејзината мајка, но затоа се огласи фирмата Висарис Белград со најава за тужба поради клевета и, како што беше наведено, полувистини за компанијата која е изложена на јавен напад. Од компанијата велат дека нападот е поради тоа што новинарката Ивона Талевска е ќерка на нивниот партнер во Македонија, Лимба Талевска. Според оваа фирма, тендерот бил добиен во легална и транспарентна постапка и таа не сака да биде дел од политичките пресметки во Македонија.
XS
SM
MD
LG