Линкови за пристапност

„Обој го светот во портокалово!“

  • Синиша Станковиќ

Македонија се вклучи во глобалниот повик за активизам со мото „Направи го твоето соседство портокалово“

„Меѓу жените на возраст од 15 до 40 години, повеќе ќе страдаат од насилство одколку од канцер, маларија, сообраќајни несреќи, војна...“„ рече американскиот амбасадор Џеф Бејли, еден од присутните претставници на дипломатскиот кор во Скопје, на вечерашниот старт на кампањата, која под мотото „Обој го светот во портокалово, ставете точка на насилството врз жените и девојките“, која од денешниот Меѓународен ден против насилството врз жените – 25 Ноември, како дел од глобалниот активизам, ќе се одвива се` до 10 Декември - Меѓународниот ден на човековите права.

Кампањата е финансирана од УСАИД, како дел од глобалната кампања за подигнување на јавната свест, која е дел од проектот на Генералниот секретар на ОН – „Обединети против насилството врз жените“, а која има за цел - зголемување на свеста и преземање на конкретни мерки за прекинување на насилството врз жените и девојчињата.

„Родовото насилство претставува брутален облик на дискриминација и кршење на основните права“ изјави амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, вечерва, на Плоштадот „Карпошово Востание“ во Скопје, каде граѓани, активисти и познати јавни личности формираа „Портокалова панделка“ како порака за свет без насилство.

Поддршка за кампањата изразија и директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стејн и постојаниот координатор на Обединетите нации, Луиза Винтон. Според Стејн, „глобалната статистика покажува дека една од три жени во светот во својот живот ќе биде жртва на родово насилство. Родовото насилство ќе заврши кога жените и девојките ќе бидат целосно почитувани од општеството“, а според Винтон, „ништо не може да го оправда насилството врз жените. Тоа не е неизбежно, но мора да се направи нешто за да се спречи“.

„Насилството врз жените е истовремено и најшироко распространетата и најмалку препознаената повреда на човековите права во светот. Токму затоа, борбата против него, претставува прашање од највисок приоритет за Обединетите нации“, потенцираше Винтон, како постојан координатор на ОН.

Новата министерка за труд и социјална политика, Фросина Ташевска – Ременски, истакна рече дека вклучувањето на Република Македонија во обележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените е „потврда за посветеноста и заложбите, преку сензибилизирање на јавноста, заедницата и институциите да се пристапи кон исполнување на преземените обврски, за обезбедување на превенција од секаков вид насилство, за интензивирање на меѓуресорската соработка за заеднички пристап во третманот на жртвите од насилство, за подобрување на легислативата во оваа област и за спроведување на планот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа (Истанбулска конвенција) за спречување и борба против насилство врз жени и семејно насилство“.

Според статистичките податоци, една од три жени во Европа, доживува родово насилство во текот на својот живот. Резултатите од последното истражување на ЕУ се` над 42.000 жени од сите 28 земји-членки, јасно покажуваат дека 7 проценти од сите жени биле предмет на физичко насилство во текот на една година. На ниво на ЕУ, бројката е 62 милиони жени - жртви во текот на животот и 13 милиони жени - жртви во текот на само една година!

Европската комисија неодамна објави нова Рамка за родова еднаквост и зајакнување на положбата на жените, заснована врз извештаите од Родовиот акциски план 2010-2015, за посилна структура за следење и отчетност што става посебен акцент на борбата против насилството врз жените и девојките.

Попладнево во Скопје, со транспаренти и со „крвави“ лица и облека, и активист(к)ите го дигнаа гласот, по повод 25 Ноември - Меѓународниот ден против насилството врз жените и побараа, ратификација на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, како најсеопфатен меѓународен договор во оваа област, кој Македонија, како единствената земја во регионот се` уште ја нема ратификувано.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денес побара од централните институции и од локалните власти да издвојат средства за функционирање на специјализирани сервиси за заштита и поддршка на жените жртви на семејно насилство.

Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска, денес изјавила дека во последните шест години се убиени 16 жени: „На 25 ноември 2014 година имавме уште едно трократно убиство. За една година, имаме вкупно седум убиени жртви на семејно насилство, а бројот на обидите за убиство е уште поголем. Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство“, изјави Димушевска.

ОН го прогласија 25-ти ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, по повод бруталното убиство на сестрите Мирабал, политички активистки во Доминиканската Република во 1960 година.

XS
SM
MD
LG