Линкови за пристапност

Бомбашот-самоубиец на Ал-Каида бил двоен агент


Работел за разузнавачката служба на Саудиска Арабија и за ЦИА.

Американските медиуми јавуват дека човекот кого огранокот на Ал-Каида во Јемен го назначил да активира експлозив во авион на пат за САД всушност бил двоен агент. Тој се инфилтрирал во терористичката мрежа и ги убедил терористите да му ја дадат новата бомба што била така направена за да не биде откриена при безбедносната проверка на аеродром.

Неидентификувани разузнавачки лица од САД и други земји наведуваат дека тајниот агент работел за разузнавачката служба на Саудиска Арабија и за ЦИА. Според истиот извор, агентот пред терористите се претставил како бомбаш-самоубиец кој добровоолно се пријавил за акцијата во која експлозивот требало да биде сокриен во неговата долна облека. Оперативецот потоа ја предла софистицираната експлозивна направа на американските лица и таа во моментов се анализира во лабараторија на Федералното истражно биро (ФБИ) во Квантико, сојузната држава Вирџинија.

Разузнавачките лица наведуваат и дека агентот воедно обезбедил информација што довела до успешен воздушен напад во Јемен против водачот на Ал-Каида, Фад Мухамед Ахмед ал-Кусо во Јемен во неделата. По Кусо беше издадена потерница за вмешаност во бомбашкиот напад врз американскиот воен брод Кол во Јемен 2000-та, кога загинаа 17 американски морнари.

Идентитетот на оперативецот останува непознат. Неименувани владини лица наведуваат дека тој минал недели стекнувајќи ја довербата на Ал-Каида на Арапскиот Полуостров.

Во медиумските извештаи стои и дека американската влада планирала операцијата да ја држи во тајност, но Асошиетед прес за неа дознал минатата недела. Новинската агенција го одложила објавувањето на веста на барање на владата.

Американски лица велат дека заговорот на огранокот на Ал-Каида бил откриен во почетна фаза и во ниту еден момент не била доведена во прашање безбедноста на авионскиот превоз во САД. Бомбата наводно била редизајнирана верзија на онаа откриена во долната облека на напаѓачот Нигериец кој се обиде да ја активира во патничкиот авион на релација од Амстердам за Детроит на 25-ти декември 2009-та.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон коментираше дека инцидентот е потсетник дека САД и сојузниците и натаму се цел на терористичките заговори.

XS
SM
MD
LG