Линкови за пристапност

Американска политика: Ромни` се поблиску до номинацијата, Лугар не доби шанса за реизбор


Во Северна Каролина, пак, гласачите одобрија уставен амандман во кој бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена.

Републиканецот Мит Ромни победи на прелиминарните избори во уште три сојузни држави, со што е чекор поблиску до партиската номинација за претседателсските избори во ноември годинава.

Со успехот во Индијана, Северна Каролина и Западна Вирџинија, Ромни досега освои 900 изборни делегати. За официјално да ја добие номинацијата на финалната партиска конвенција во Флорида во август годинава, потребни му се 1.144 делегати.

На прелиминарното партиско гласање во Индијана, пак, републиканецот Ричард Лугар не успеа да се кандидира за реизбор на сенатското место што го држеше преку три децении. 80-годишниот сенатор загуби во до крај неизвесната битка против кандидатот поддржан од движењето Ти парти, кое се залага за помала влада и помали даноци.

Претседателот Барак Обама издаде соопштение во кое му дава признание на Лугар за заложбата надвор од партиските линии, најопасното оружје на светот – нуклеарното - да биде на сигурно. Лугар „доаѓа од традицијата на силно, натпартиско лидерство во националната безбедност што помогна да надвладееме во Студената војна и да го одржиме американското лидерство“, рече Обама за напорите на сенаторот нуклеарното оружје по распадот на Советскиот Сојуз да не поадне во погрешни раце.

На локално ниво, во Северна Каролина, гласачите одобрија уставен амандман во кој бракот се дефинира како заедница меѓу маж и жена. Истополовите бракови во оваа сојузна држава се забранети со закон.

Претседателот Обама, пак, му порача на Конгресот да ги усвои предлог-законите што ќе ја поттикнат економијата. Тој ги спомена мерките што им помагаат на воените ветерани да најдат работа, на сопствениците на домови да добијат пониски каматни стапки за кредитите и го продолжуваат даночните олеснувања за производителите од индустријата на алтернативни видови на енергија и малите бизниси што отвораат нови работни места.

Во говор на универзитет во Албани, сојузната држава Њујорк, Обама подвлече дека бил постигнат напредок, наведувајќи го тука отворањето на стотици илјади работни места месечно изминативе неколку месеци. Тој сепак заклучи дека треба да се стори повеќе, за што кажа дека е потребна поголема акција од Конгресот. Демократите и републиканците треба да бидат едногласни“, подвлече Обама.

XS
SM
MD
LG