Линкови за пристапност

САД и ЕУ: Нема услови за организирање кредибилни избори на 24 април!


По дводневно исчекување, претставниците на меѓународната заедница во неделата вечер излегоа со став дека не се завршени реформите, ниту испочитувани препораките од Извештајот на Прибе

Соопштувајќи ја заедничка изјава со претставниците на ЕУ во Македонија, амбасадорот на САД Џес Бејли, пред Владата рече дека според проценката на меѓународните претставници, која македонската јавност ја очекуваше од петокот, нема услови за организирање на кредибилни избори за предвидениот датум - 24 април.

„Нотираме дека резултатите од работата на ДИК во однос на проверката на избирачкиот список во оваа фаза не се доволни за да се одржат кредибилни избори на 24 април, иако одреден напредок е направен. Исто така, се уште не е постигнат договор за медиумските реформи за да се осигура поле за еднаков пристап“, се вели во заедничкото соопштение за извештајот на претставниците на САД и на ЕУ, според чии заклучоци, „партиските лидери го предложија 5 јуни како можна алтернатива. Сериозни напори од сите функционери сега се бараат и се потребни за да се постигнат условите кои ќе овозможат кредибилни избори, каде сите граѓани и партии слободно ќе учествуваат“

Според американскиот амбасадор, кој не одговараше на новинарски прашања, се уште не се донесени реформите во медиумската сфера, а сериозно треба да се пристапи на препораките од Извештајот на Рајнхард Прибе. Изразувајќи загриженост поради извештаите за притисоци и закани врз гласачите, амбасадорот ги повика на одговорност сите инволвирани во Договорот од Пржино и побара затворање на проблематичните прашања за кои се преговара.

Откако денес, цели пет часа беше одложувано сооопштувањето на ставовите на меѓународната заедница за изборите, во кој период, извештајот им беше презентиран на присутните партиски челници на лидерската средба, а потоа, му беше предаден и на техничкиот премиер за спорведување на изборите, Емил Димитриев. На средбата на Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи со амбасадорот Бејли и претставниците на ЕУ, не се појавил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски, за што партијата, неофицијално, најави дополнително објаснување.

Но, затоа, официјално, ВМРО-ДПМНЕ како владеачка партија, ја соопшти одлуката за престанување на соработката со посредникот во преговорите белгискиот експерт Питер Ван Хауте. Според ВМРО-ДПМНЕ, Ван Хауте ги навредувал претставниците на партијата и ги омаловажувал народот и Република Македонија, па партијата веќе нема да учествува на состаноци на кои и тој е присутен. За ВМРО-ДПМНЕ, „Ван Хауте од денеска е турист во Македонија“

XS
SM
MD
LG