Линкови за пристапност

Евангелистичките христијани за Трамп


И покрај наводите за неморално однесување, најголем дел од оваа група е подготвена да му прогледа низ прсти на претседателскиот кандидат

Анкетите покажуваат изненадувачки големо мнозинство од христијанските евангелисти кои планираат да гласаат за републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и покрај обвинувањата за неговото неморално однесување. Многу познати лидери на т.н. Христијанско право беа критички настроени кон Трамп на почетокот на неговата кандидатура, но сега повеќето од нив го поддржуваат и покрај неговите постапки.

На почетокот од годинава многу христијански свештеници беа симпатизери на другите кандидати, како на пример сенаторот на Тексас – Тед Круз. Тие не ги оправдуваа двата брака на Трамп, сопствеништвото на касина, а некои од нив во него видоа нехристијански однос кон емигрантите и бегалците.

Но, гласачите кои се идентификуваат со Христијанското право помогнаа во победата на Трамп во многу сојузни држави каде голем број на аналитичари сметаа дека нема да помине добро, како на пример во Јужна Каролина, која требаше да биде лесно освоена од страна на Круз.

Сега кога тој е републикански претседателски кандидат и е во тесна трска со демократката Хилари Клинтон, многу религиозни претставници го сменија ставот.

Дури и откако неколку жени го обвинија Трамп за сексуално злоставување, големо мнозинство на конзервативни Христијани се уште го поддржуваат.

Гласот на Америка разговараше со неколкумина од нив во Хјустон.

„Не го оправдувам, но не разбирам зошто го осудуваат кога сигурно голем број и на други мажи истото па можеби и полошо прават“, вели Хулио.

Хулио, емигрант од Гватемала кој сега е успешен бизнисмен во Хјустон ја отфрла и острата реторика на Трамп во однос на илегалните емигранти. Вели дека и тој е против криминал и смета дека луѓето треба да дојдат на легален начин во САД, а не да ги кршат законите за да влезат во земјата.

Алан, пак вели дека му се допаѓа искуството во бизнисот што го има Трамп и неговите економски планови, а дека не му пречат неговите радикални изјави.

„Понекогаш кажува повеќе од што треба, но има цели кои се совпаѓаат со моите“, вели тој.

Според изјавите на бизнисмените и волонтерите во црква, за многумина од овие гласачи едно прашање е доминантно.

„Единствената личност што кажа нешто што мене лично ме тангираше е Доналд Трамп во однос на забраната на абортусот“, вели Ренди – волонтер во црква.

Ренди смета дека моралните вредности во земјата се на ниско ниво, осбено по одлуката на Врховниот суд со која се дозволува жената да одлучи дали ќе абортира. Тој како и многу други христијански конзервативци смета дека абортусот е убиство.

Но, има голем број на Христијанки, особено помлади девојки кои се навредени од страна на Трамп и планираат да гласаат за Хилари Клинтон. Деветнаесетгодишната Клаудија е една од нив.

„Не верувам во тоа што го зборува. Мислам дека не ги почитува жените“, вели таа.

Оваа недела универзитетски професори и научници кои се фокусираат на религијата и политиката дискутираа за овие прашања на форум во Универзитетот во Хјустон.

Дајан Винстон од Универзитетот во Јужна Калифорнија вели дека многу Христијани се навикнаа на Трамп.

„Тој ги поддржува некои од нивните основни социјални и политички ставови“, вели таа и додава дека „можеби е неморален, но има морална агенда“.

Според неа најголемото политичко разединување помеѓу евангелистите е расното прашање.

„Според повеќето анкети 60 до 70 отсто од белите евангелисти ќе гласаат за Трамп. Оние што не се бели евангелисти, ќе гласаат за Клинтон“, рече таа.

Неодамнешна студија на Институцијата Брукингс покажува дека моралните прашања не се толку доминантни меѓу евангелистите. Во 2011-та, само 30 отсто од нив одговориле дека сметаат дека личниот морал е одвоен од етиката во јавната служба, додека пак според последната најнова анкета бројката се искачила на 72 проценти.

Религиозните претставници се водени од ставовите на нивните верници, кои реагираат на одредени социјални и економски околности.

Петон Дод, истражувач од Сан Антонио вели дека медиумите некогаш го преценуваат влијанието на евангелистичките свештеници.

„Не верувам дека масата ги следи“, вели тој.

Двајцата кандидати Клинтон и Трамп со децении се во очите на јавноста, но Трамп беше водител на ТВ шоу помеѓу 2004-та и 2015-та, кога ја почна трката за претседател.

Дод вели дека славата на Трамп ја зголеми неговата популарност помеѓу евангелистите и покрај прашањата за неговиот личен живот.

„Тие не ги слушаат и не прават само она што ќе им кажат свештениците, туку се интересираат и за поп културата како и сите други“, вели Дод.

Како ова ќе влијае врз изборите ќе се дознае откако ќе се избројат гласовите и ќе бидат направени првите анализи.

XS
SM
MD
LG