Линкови за пристапност

Награда на УНИЦЕФ за македонскиот фоторепортер Личовски

  • Синиша Станковиќ

Берлин: Ѓорѓи Личовски ја прими наградата за фотографија на годината на УНИЦЕФ за 2015

Берлин: Ѓорѓи Личовски ја прими наградата за фотографија на годината на УНИЦЕФ за 2015

Фотографијата на годината, снимена летово на граничниот премин во Гевгелија, е трогателна илустрација за бегалската криза

Еден од доајените меѓу македонските фоторепортери, Ѓорѓи Личовски, денес во Берлин ја прими наградата за фотографија на годината на УНИЦЕФ за 2015. Личовски (51), во богатата трисетгодишна кариера, бил фоторепортер и уредник на фотографија во неколку македонски весници - „Нова Македонија“, „Вечер“, „Вест“ и „Република“, а повеќе од две децении е соработник од Македонија на Европската прес агенција од Германија. При примањето на наградата од госпоѓа Даниеле Штат, Личовски им се обратил на присутните и меѓу другото, ја опишал ситуацијата во која е снимена најдобрата фотографија на УНИЦЕФ за 2015.

„Беше тоа ден што никогаш нема да заборавам, тоа беше за прв пат да ги видам моите колеги да плачат и да фотографираат, потресени од преплашените детски лица кои се обидуваа да ги најдат своите родители, браќа и сестри, во хаосот. Фотографиравме за да му го покажеме на светот она што се случува, за да може да им помогне на тие луѓе... Оваа година, стотици илјади бегалци пристигнаа во Западна Европа, но сите знаеме дека не постои место за сите, кои останаа зад нив... Јас искрено се надевам дека нашите фотографии на страдањата на овие луѓе ќе најдат место во совеста на политичката елита во светот, за таа да се обиде и да помогне во решавањето на проблемот на овие луѓе во земјите од каде доаѓаат. Светот е моќен, се што е потребно е добра волја. Ниту еден човек, ниту една жена и секако, ниту едно дете, не заслужуваат да ги напуштат своите домови, да патуваат илјадници километри за да можат да се чувствуваат безбедно. Наградената фотографија за 2015, на која се две деца кои пред полицискиот кордон, во солзи не можат да ги здогледаат родителите, е само една од илјадниците фотографии на Личовски испраќани за ЕПА, последните десетина месеци, од почетокот на бегалската криза на македонско-грчката граница крај Гевгелија.

Фотографиите на Личовски во овој период, беа објавувани на насловните и на внатрешните страници на познати светски магазини и дневни весници, а тој самиот на блогот на ЕПА, за оваа тешка задача, напиша: Со доаѓањето на емигрантите на територијата на Македонија, во март и април, бев меѓу првите кој покажа сериозен интерес, бидејќи претпоставував дека приказната за мигрантите ќе се развие. Во почетокот, фотографиите не беа широко прифатени во европските весници, бидејќи Европа се уште не ја сфаќаше сериозно ситуација со мигрантите. Како што одминуваше времето, приказната стана поголема и во јули и август таа ‘експлодира’ и стана една од најголемите приказни во почетокот на 21-от век. Иако не сум млад, имам 30 годинишна работа како фоторепортер зад мене, почнав да ги гледам работите поинаку. Се соочив со големо морално прашање за мене, за сите нас... Дали е морално да се користи бедата и страшната ситуација за подобра фотографија?

Но, за волја на вистината, никогаш во мојот живот не сум имал и посилна реакција од многумина европски новинари и од читатели кои преку EПA, се обидоа да контактираат со мене, за да прашаат дали можат да им помогнат на мигрантите. Добив и неколку пораки во кои луѓето ме прашуваа каде тие можат да донираат пари за мигранти, што ме направи малку посреќен“

Покрај плакетата, Личовски како дел од наградата ќе има можност да направи репортажа за светски признатиот ГЕО магазин.

XS
SM
MD
LG