Линкови за пристапност

„Ние сме иднината!“

  • Синиша Станковиќ

Во знак на протест против контроверзните реформи во образованието, стотици средношколци и денес маршираа по скопските улици

"Нашите барања, меѓу кои е укинување на екстерното тестирање, ги упативме до Министерството за образование и наука, но сé уште немаме никаков одговор. Ако не добиеме повратна реакција од Министерството, ќе ги радикализираме протестите со бојкот на наставата или со протестен камп", најави Никола Крстевски, член на Средношколскиот пленум, на денешниот протест што под мотото „Борбата продолжува“, се одржа на скопските улици, против експериментите и „лошите реформи“ во образованието.

Извикувајќи ги слоганите „Нема правда, нема мир!“, "Екстерно за Владата!" и „Доста беше молк!“ членовите на Средношколскиот плиенум повторно протестираа, марширајќи по скопските улици, од Градскиот парк, покрај Владата, до Министерството за образование и наука, носејќи транспаренти „Уништување на образование“ и „Игра на реформи“. На средношколците им се придружија и мал дел од наставниците од средно образование, како и граѓани.

Потенцирајќи дека „За образованието се работи“, Средношколскиот пленум ја обвини актуелната власт дека ја клевети и омаловажува младината на Македонија, дека ја навредува сопствената иднина и дека „уништивајќи сé што е креативно кај младите, виновни сте што младите си заминуваат да служат во туѓа држава“. Тие опстојуваат на барањата од минатата училишна година, да се модифицира моделот за екстерно тестирање и да се сопрат измените во државната матура. Средношколците се децидни дека стариот концепт на државна матура треба да важи за сите актуелни генерации во средните училишта, а дека евентуалниот нов концепт треба да се креира во координација со Средношколскиот пленум и да важи само за следните генерации.

Средношколците ги обновија протестите поради тоа што Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, веќе две седмици не им одговараат на доставените барања. Потенцирајќи низ извикуваните слогани - "Ние сме иднината!“, младите ученици. Тие денес потенцираа дека биле изложени на притисоци од директорите на училиштата, дека во одделни средни училишта ученици биле заклучувани во објектите за да не излезат на протест и им биле одземани мобилните телефони, но информациите за ваквите настани, сепак, беа пласирани во јавноста преку социјалните мрежи.

Учениците и во соопштението со кое го најавија денешниот протест истакнаа:

„Ние не се плашиме од вашите нарачки и закани, нашиот отпор не може да се амортизира. Ние докажавме како треба, покажавме што е единство, знаење и моќ. Застанавме исправени пред вашите уцени - и нашите аргументи победија. Ќе застанаме храбро и достоинствено и денес, и утре, и секогаш кога Вашите закани ќе бидат пред нас, а нашата иднина ќе се сведе на тестови на среќа. Маршираме заедно за образование, за иднина. Се бориме за подобро образование, за иднина тука, сега! На нас е редот, имаме шанса, ова е нашата битка. За да можеме утре, гордо, на нашите деца да им кажеме дека ние застанавме на барикадите против ова лудило, против сите они кои сакаа да ја поткопаат нашата идината! Да кажеме дека бевме храбри и истрајни, дека се боревме знаејќи дека можеме да изгубиме. Да им кажеме дека победивме и дека за иднината одлучивме НИЕ!“

Денес и Првата детска амбасада во светот - Меѓаши, реагираше на дојавата од Средношколски пленум за притисоците и прекршувања на детските и на човекови права.

„Уште еднаш апелираме кон возрасните да не демонстрираат моќ и да не користат јазик на закани, уцени, и навреди. Насилството не смее да стане прифатлив начин на комуникација. Младите имаат право јавно да го искажат своето мислење и незадоволство и имаат право да бидат вклучени во процеси на донесување одлуки кои лично ги засегаат“, соопшти Првата детска амбасада во светот – Меѓаши.

XS
SM
MD
LG