Линкови за пристапност

ФИФА ја тресе криза, но Блатер повторно нејзин претседател


Доби петти мандат на гласањето на 65-от конгрес на светската фудбалсла федерација во Цирих
Доби петти мандат на гласањето на 65-от конгрес на светската фудбалсла федерација во Цирих

Пред денешното гласање за нов претседател на ФИФА вети дека ќе работи на надминување на скандалот со корупција

Претседателот на ФИФА Сеп Блатер денес доби нов, петти мандат на гласањето на 65-от годишен конгрес на светската фудбалска федерација во Цирих. Тој однесе победа над противкандидатот, јорданскиот принц Али бин ал-Хусеин еден ден откако седуммина виши сегашни и бивши претставници на спортското тело беа уапсени во најголемиот швајцарски град врз основа на американското обвинение за корупција.

Пред гласањето, Блатер повика на единство на членовите на светската фудбалска федерација и вети дека дека ќе работи на надминување на скандалот доколку биде избран за претседател. Тој го спореди апсењето на седуммината фудбалски работници коишто пристигнале во Цирих за Конгресот со „почеток на бура“, но побара „единство и тимски дух“ за ФИФА да може да продолжи понатаму. Тој кажа и дека „не мислам дека би ги имале овие проблеми денес“ доколку Русија и Катар не ја добија организацијата на светските првенства во 2018-ма и 2022-ра. САД беа во конкуренција за турнирот 2022-ра.

Американското федерално обвинение обелоденето неделава товари 14 лица за кривични дела како рекетарство, измама по електронски пат и перење на пари. Одвоена истрага на швајцарските власти се бави со наводите за незаконско управување и перење на пари во врска со доделувањето на оарганизацијата на првенствата 2018-та и 2022-ра.

Катар денес инсистираше дека „со интегритет“ ја спровел кандидатурата за светското првенство.

Вчера, Блатер кажа дека ФИФА е пред „нови лоши вести“ и дека наредните неколку месеци нема да бидат лесни за телото, но дека „е неопходно да ја вратиме довербата“ во него. „Не може да дозволиме репутацијата на фудбалот и на ФИФА и натаму да се влече по калта. Тоа мора веднаш да прекине“, рече Блатер.

Сојузот на европските фудбалски асоцијации (УЕФА) и Фудбалскиот сојуз на Германија го повикаа Блатер да даде оставка пред денешното гласање, но тој одби.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера го критикуваше официјален Вашингтон за обвинението за корупција и го окарактеризира случајот како обид САД да ја прошират јурисдикцијата врз други земји. Путин тврди и дека САД се обидуваат да спречат реизбор на Блатер.

Портпаролот на Стејт департментот Џеф Ратки синоќа рече дека не е точна „сугестијата дека се обидуваме да влијаеме на внатрешниот прооцес во ФИФА“ и оцени дека Одделот за правда јасно ги изложил причините за обвинението.

XS
SM
MD
LG